Кампот со шатори што го поставија мигрантите на кои Македонија не им дозволува транзит веќе е речиси празен. Изминатата седмица таму имаше преку илјада бегалци од Бангладеш, Иран, Пакистан, Мароко, Гана…
Нивните шатори се наоѓаа од грчката страна на границата, а незадоволните бегалци се обидоа со притисок да си го пробијат патот. Прво протестираа, потоа ја блокираа пругата Гевгелија-Поликастро а кулминацијата се случи со зашивањето на устите што си го направија десетина Курди од Иран. Тие одбиваат храна и помош и инсистираат да бидат пропуштени.
Некои од нив на телата испишаа и пораки: „Застрелајте не, но ние не се враќаме назад” и „Отворете ги границите”.
Од почетокот на оваа седмица грчките полицајци им понудиле бесплатно да ги вратат до Атина, а оттаму самите да се вратат во родните земји.
Тешко е да се поверува дека оваа понуда успева, но факт е оти кампот на овие економски емигранти веќе е речиси празен. Се претпоставува дека најголемиот дел од нив веќе преминале илегално на територијата на Македонија, дека некои се пробиле и во Србија па дури и понатаму. Ама илегално.
Шаторите стојат, но бегалците заминале нечујно, ноќе, по веќе познатите шверцерски патеки преку границата. Повторно се забележуваат групи (до десетина лица) кои со првиот мрак минуваат долж пругата и автопатот кон Скопје.
Бегалците, пак, од трите земји: Авганистан, Сирија и Ирак и натаму без проблем транзитираат низ Македонија со организиран превоз. Дневно кај на граничната линија кај Кота 59 и низ прифатниот центар во Гевгелија минуваат по 3,000 лица.