Најмалку 14 новинари веќе водат постапки за да се утврди кој ги прислушувал и ќе бараат дебело обесштетување
Најмалку 5.800 лица биле прислушувани без судска наредба (нелегално) во периодот од 2008 до 2015 година, соопшти на прес-конференција во петокот Специјалното јавно обвинителство.
Тоа значи дека нивните броеви биле внесени во системите за следење на комуникациите на МВР без да има судска наредба за тоа, како што налага законот. Ако еден човек во просек комуницира со најмалку 20 лица, тоа значи дека и нивните соговорници (скоро 120 илјади лица) исто така биле нелегално прислушувани. Тоа значи дека и тие имаат право да поднесат оштетно побарување. Обвинителката Ленче Ристовска рече дека голем број бизнисмени, новинари и политичари биле прислушувани.
И откако лидерот на СДСМ, Зоран Заев ја објави првата „бомба” и на новинарите чии телефони со години биле прислушувани од власта им ги предаде папките со транскрипти и аудио записи од нивните разговори, прислушувањето на новинарите не запрело. Раководни лица во УБК ги слушале разговорите на новинарите дури и еден месец по објавувањето на првата бомба на 9 февруари минатата година.
Новинарот и уредник на “НоваТВ”, Борјан Јовановски бил следен цели три години – од 31.02.2010 до 10.01.2013 година е следен на едниот број додека од 25.12.2012 до 10.03.2015 е следен на другиот број кој го користел. Неговата колешка и уредник на истражувачката редакција во медиумот Сашка Цветковска, била следена во периодот од 10 февруари 2014 до 15 март 2015 година. Според податоците кои ги сподели СЈО, нејзиниот број бил слушан 183 дена во овој период.
Телефонот на Мери Јордановска, новинарка во Балканската истражувачка мрежа (БИРН) бил слушан од февруари 2014 до март 2015 година. Јордановска вели очигледно оние што прислушувале се чувствуваат слободни оваа држава да ја користат како фамилијарна приватна фирма, притоа не земајќи предвид кому ќе наштетат.
„Самиот факт што УБК продолжило со прислушувањето дури и по објавувањето на т.н. бомби, па дури и откако осомничените за Пуч, како Ѕвонко Костовски, беа осудени на затворска казна, недвосмислено кажува кој го вршел прислушувањето. Сигурно дека Костовски не прислушувал откако веќе бил осуден. Сето ова говори дека УБК била во рацете на луѓе кои буквално не чувствувале ниту страв ниту одговорност ниту пак се чувствувале загрозени за незаконските дејства што ги правеле – затоа што една деценија, се е во нивни раце. Тие се чувствуваат слободни оваа држава да ја користат како фамилијарна приватна фирма, притоа не земајќи предвид кому ќе наштетат”, вели Јордановска.
Таа веќе јавно им се извини на сите со кои разговарала телефонски во периодот и кои исто така биле слушани.
“Им се извинувам на оние лица кои со мене разговарале во доверба, без да знаеме дека сме биле нелегално снимани. Од човечки права во државата има една НУЛА”, напиша Јордановска на својот фејсбук-профил.
За “Големото уво” судовите во РМ и Стразбур досудија по 6.300 евра обесштетување
За нелегалното прислушување во аферата “Големото уво” од 2000 година, новинарите кои ја тужеа државата на суд го добија процесот. Тогаш 17 новинари ја тужеа државата и „Телеком” и по шест години за претрпена траума од прислушувањето на нивните телефонски броеви добија отштета од државата во просек од по 4.500 евра. Потоа, новинарите го продолжија судскиот процес и во Стразбур, од каде што во 2013 година дојде пресудата за дополнително обесштетување на новинарите од по 1.800 евра.
Се разбира, и оваа афера не ја доби неопходната разврска во однос на одговорноста на политичарите и на службените лица замешани во случајот.
“Уште во 2010 му кажав дека баџанакот Мијалков го прислушува”
И телефонскиот број на новинарот Саше Димовски, како што вели самиот, бил еден од следените од тајните служби. Неговиот број бил прислушуван уште од 2000 година. Но, за разлика од тогаш, вели новинарот Димовски, кога прислушувањето се вршело само во предизорниот период, овој пат прислушувањето траело со години. И покрај тоа што телефонот што тој го користел бил регистриран на име на брат му, сепак бил прислушуван цели шест години.
„Јас сум еден од новинарите кој во 2010 објави дека УБК на чело со Мијалков го прислушува и неговиот баџанак, сегашниот судија во Европскиот суд Јован Илиевски (до скоро прв човек на Обвинителството против организиран криминал – н.з.). Човекот буквало беше стаписан кога му ги покажав доказите дека го прислушуваат. Во 2010 година, јавноста не беше потресена за прислушувањето за кое зборував, а почнало уште во 2006. Мене оваа информација воопшто не ме изненадува, но гледајќи ја пресудата од Стразбур, државата треба сериозно да се загрижи колку пари ќе изгуби сега”, вели Димовски.
Ако поднесат тужби сите лица што според СЈО од 2008 до 2015 година биле прислушувани, според некоја аналогија во казнената политика на македонските судови казната што државата би требало да ја плати би изнесувала околу 36 милиони евра. Во случај пак само половина од сите директно и индиректно прислушувани лица да поднесат тужба (околу 60 илјади лица), сумата може да достигне и до неверојатни 360 милиони евра.
Која треба да биде казната на одговорните лица што сето ова го овозможиле и го правеле?