Мојот став е повеќе од јасен. Никогаш нема да се согласам Република Македонија да биде бинационална држава. Никогаш нема да се согласам Република Македонија да биде федерална држава, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во своето годишно обраќање кое за првпат го одржа во неговата работна резиденција наместо во Собранието на РМ.
– Се уште слушам како поедини лидери на партии јавно лицитираат со унитарниот карактер на државата, со некаква си кантонизација и федерализација, со името на државата и идентитетот на граѓаните. Тие лицитираат со државните интереси. Ќе ги потсетам дека Македонија во 1991 година се конституира како национална држава на македонскиот народ, во која се обезбедуваат целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и со другите националности што живеат во Република Македонија, истакна претседателот во своето обраќање.
Иванов потенцира дека со Охридскиот рамковен договор беше отворена вратата за правична застапеност на граѓаните од сите, а не само за една заедница. Тој потенцира дека е недозволиво некои лидери на парламентарни партии на преговарачка маса да ги ставаат државните интереси на Република Македонија, спротивно на Уставот на Република Македонија.
– Во името на македонските граѓани, ги предупредувам да внимаваат што прават. Во името на македонските граѓани, им порачувам да не помислат во своите постизборни комбинаторики да разговараат или преговараат за државните интереси на Македонија и националните интереси на македонскиот народ. Бидејќи за државните интереси ниту се разговара ниту се преговара – нагласи македонскиот претседател.
Според него, никој нема мандат да ја прекројува државата, да го менува нејзиниот идентитет.
– Никој нема мандат да го продава она за што сонувале и гинеле генерации, а тоа се слободата и независноста на Република Македонија. Република Македонија ниту е ниту ќе се согласам да биде бинационална држава. Република Македонија ниту е ниту ќе се согласам да биде федерална држава. Република Македонија е унитарна држава со мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општество – истакна Иванов.
Народот гласаше за помирување на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ
Осврнувајќи се на изборите и постизборниот период, претседателот уште еднаш им честита на граѓаните, истакнувајќи дека со распределбата на своите гласови тие всушност ги принудија партиите да водат дијалог во институциите, но не по цена на државните интереси.
– Граѓаните разбраа дека за да се излезе од кризата, не е потребно надгласување, туку усогласување, не е потребно уценување, туку помирување – рече Иванов, додавајќи дека граѓаните најодговорно си го исполнија својот дел од договорот наречен демократија.
Тој ги повика лидерствата на двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да смогнат сила за да си простат, да се помират и конечно да се сплотат околу националните интереси на македонскиот народ и државните интереси на Република Македонија.
– Нема ништо потрагично и поопасно од меѓумакедонскиот судир. Ако навистина ја сакаат оваа држава и ако навистина се грижат за македонскиот народ, ги повикувам да ја почитуваат волјата на граѓаните, бидејќи во омразата никој нема ниту иднина ниту надеж – рече Иванов.
Претседателот повика да ги оставиме зад нас поделбите и реваншизмот и реториката на патриоти и предавници.
– Да престанат и нападите кон дипломатските претставници. Да престанеме секогаш вината да ја бараме кај другите. Одредени политички лидери да престанат да се повикуваат и да ги злоупотребуваат имињата на амбасадорите во Република Македонија за да остваруваат свои цели. Истовремено, го повторувам и повикот дипломатските претставници во вршењето на своите надлежности да внимаваат да не бидат погрешно разбрани и да се придржуваат до Виенските конвенции – рече Иванов.
Според него, за да го направиме чекорот на помирување, неопходна е одговорност.
– Одговорноста е темел на довербата меѓу луѓето и институциите, бидејќи секој што носи одлуки мора да преземе лична одговорност за своите чекори – рече Иванов, додавајќи дека само одговорноста создава услови за безбедност, стабилност и напредок.
Тој укажа дека кога институциите се заобиколувани, блокирани и парализирани, наместо да се дел од решението, стануваат дел од проблемот. Се надевам дека лидерите конечно ја научија лекцијата – дека не треба да се бараат решенија надвор од институциите на државата. Затоа, повикувам, којзнае којпат да им ја вратиме моќта на институциите – потенцира претседателот Иванов.
Да се обнови заветот за евро-атлантска Македонија
Во таа насока Иванов ги повика и партиите да покажат одговорност и да го обноват заветот за европска и евро-атлантска Македонија.
– Ги повикувам што поскоро да потпишат обврзувачка декларација за посветеност на европската и евро-атлантската агенда, се додека довербата на граѓаните во Европската унија и НАТО е толку висока. Ги повикувам да се обврзат дека сите закони и решенија од европската агенда ќе имаат приоритет – истакна претседателот.
Истовремено, претседателот Иванов ја повика и Европската унија да престане да ја блокира иднината на Македонија.
– Со блокирањето на преговорите се блокира можноста за градење одговорни, европски институции во Република Македонија. Со блокадите, нам ни се скратува правото на просперитет. Повторувам, со блокадите ни се скратува правото на просперитет. Затоа, време е за поголема одговорност на Унијата кон Македонија – порача претседателот во обраќањето.
Двојазичноста е затворено прашање, ни треба попис
Зборувајќи за барањето за двојазичноста тој рече дека тоа е затворено прашање.
– Слушам дека се бара двојазичност на целата територија на Македонија. Тоа прашање е затворено со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија, кој произлезе од Охридскиот договор, каде што се регулира прашањето за службениот јазик во Република Македонија. Службената употреба на кој било јазик во Република Македонија зависи од статистиката, а единствен начин за добивање реална статистика е пописот – истакна претседателот Иванов.
– Ни треба и нов попис да видиме дали реалноста на теренот соодветствува со тврдењата на некои политичари. Без нов попис на населението, не може да се бараат права што зависат од статистиката. Очекувам новата влада час поскоро да спроведе попис – укажа шефот на државата.
Последниот попис во Македонија, посочи Иванов, беше пред цели 14 години, оценувајќи дека тоа е предолг период за која било држава.