Агенција за истражување на јавното мислење “Брима” (партнер на “Галуп”), за потребите на магазинот „Република” направила опширна анкета во периодот од 30 јануари до 4 февруари 2016 година врз репрезентативен примерок од 1006 испитаници на возраст над 18 години.
Доверба во Катица Јанева: Резултатите од анкетата покажуваат дека дури 50% од граѓаните немаат доверба во Катица Јанева, за разлика од 32.4% кои го мислат спротивното. Огромното мнозинство од 35.4% сметаат дека Катица Јанева е поблиска до СДСМ, а само 1% сметаат дека е поблиска до ВМРО-ДПМНЕ. 19.9% сметаат дека таа следи упатства и е под влијание на амбасадорите на САД и ЕУ.
ВМРО-ДПМНЕ убедливо пред СДСМ: Резултатите покажуваат огромна поддршка и повеќе од двојна предност на ВМРО-ДПМНЕ спрема СДСМ, односно доколку следната недела се одржат нови парламентарни избори за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 36.8%, а за СДСМ повеќе од два пати помалку односно 15.7%.
Саботирање на изборите: Мнозинството граѓани односно 38.9% сметаат дека некоја од политичките партии ќе се обиде да го саботира или избегне постигнатиот договор во Пржино, а на прашањето кој ќе биде тоа, повеќе од половина односно 57.1% сметаат дека договорот ќе биде саботиран од СДСМ, за разлика од двојно помалку односно 25.2% кои сметаат дека тоа ќе биде ВМРО-ДПМНЕ.
Излез од кризата: Повеќе од половина од граѓаните односно 42% сметаат дека одржувањето на предвремени парламентарни избори на 24 април ќе доведат до излез од политичката криза, а двојно помалку односно 19.6% сметаат дека изборите на 24 април ќе доведат до продлабочување на политичката криза. 26.3% сметаат дека тоа нема ништо да промени.
Излезност на изборите: Огромното мнозинство на граѓани односно 60.5% ќе гласаат на изборите закажани за 24 април и доколку СДСМ не учествува на нив, а само 25.9% одговориле дека нема да гласаат во тој случај.
Кој е поконструктивен во исполнување на Пржинскиот договор: Дваипол пати повеќе од граѓаните односно високи 43.6% сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ била поконструктивна во преговорите за исполнување на договорот од Пржино, за разлика од 16.7% кои сметаат дека тоа била СДСМ.
Огромното мнозинство на граѓани односно 40.7% сметаат дека СДСМ е виновна што не се постигна договор за избори помеѓу двете најголеми политички партии, за разлика од 19.5% кои сметаат дека за тоа е виновна ВМРО-ДПМНЕ.
На чија страна е меѓународната заедница: Дури 49.8% од граѓаните сметаат дека ЕУ и Меѓународната заедница ја поддржуваат одлуката за спроведување на предвремените парламентарни избори на 24 април, само 4.8% сметаат дека не ја поддржуваат таквата одлука, а 28.8% сметаат дека немаат ЕУ и Меѓународната заедница усогласен став по однос на ова прашање, односно имаат различни мислења.
КОМЕНТАР: Анкетата е спроведена само помеѓу етничките Македонци и целта била да се добие слика за расположението на граѓаните во однос на двете најголеми политички партии. За да се добијат 1006 одговори, анкетарите контактирале над 3,000 лица. Тоа значи дека 2/3 од прашаните одбиле да учествуваат во анкетата а резултатите се од онаа 1/3 кои прифатиле да одговорат на поставените прашања. Проблемот со вртењето на се поголем број телефони или посетувањето на се поголем број домови (за да се постигне репрезентативен примерок од над 1,000 лица) зборува за незаинтересираноста ама и потенцијалната несигурност на граѓаните да се учествува во вакви анкети.
Ако се земат резултатите од оваа анкета произлегува дека дури 86.4 % од испитаниците покажале јасна политичка определеност на прашањето дали ќе излезат на избори на 24 април (дури и во случај на бојкот од страна на СДСМ). Ова значи дека во услови на избори со учество на сите политички партии само 13.6 % од Македонците воопшто нема да гласаат – што е рамно на излезност речиси како на референдумот за независност од 1991 година!? На последните парламентарни избори во 2014 година излезноста беше помала од 63 %, односно не излегоа на гласање над 37 %.