Премиерот Зоран Заев смета дека нема потреба да се прави ветинг во правосудството како во Албанија, туку само да се прочистат, како што кажа, малкумина нечесни судии и обвинители за кои има индиции за сериозни незаконски или ненавремени постапувања.
Тој одговараше на новинарско прашање по изјавата на евроамбасадорот Самуел Жбогар, кој кажа дека “ситуацијата во правосудството и не е така лоша”.
Премиерот во заминување Заев ја водеше седницата на Владата која се одржа во Куманово.
– Ние почнавме процес на прочистување на правосудството и не треба да користиме поимот ветинг. Ако е ветинг сега треба да се подредиме позади Албанија, па да чекаме да поминеме, навистина немаме потреба. Но, за да можат да работат сите чесни судии и обвинители мора се направи прочистување на оние малкумина нечесни, со индиции сериозни за навлезеност во незаконски постапувања, ненавремени постапувања, држење предмети во фиока, поништување на предмети и враќање на почеток, застарување на предмети и сето тоа коешто претставува проблематика, со зборови на нашиот народ кажано. Очекувам дека самите институции согласно сегашната регулатива, а тоа е Законот за судски совет и Законот за судовите и Законот за антикорупција, ќе си постапат по самите закони. При самото такво постапување ќе го направат прочистувањето, изјави Заев.
– Дадов и насока како претседател на Владата, УЈП, Катастар, Централен депозитар, Централен регистар, Финансова полиција, МВР да влезе и да направи комплетна проверка на пари, имот, на судии, обвинители, членови на нивни семејства и слично. Низ тоа ние политичарите минуваме на секои 2-3 години и навистина треба да се направи во сите оние трансформации кои што следуваат во нашата земја ќе се случуваат и низ поглавјата и низ се. Треба да направиме едно прочистување, заклучи премиерот во заминување.