Со двете раце потпишувам дека Македонија нема никакви претензии кон соседите

Спорот за името е апсурден спор, а Република Македонија нема територијални претензии кон Грција и не бара ексклузивно користење на терминот Македонија, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во интервју за грчкиот весник „То вима”. Тој оценува дека грчката јавност е недоволно информирана за РМ 

Во интервјуто Груевски тврди дека сака добра соработка со Грција и наоѓање компромисно решение за името, но не по секоја цена и не по цена на македонскиот идентитет, јазик и култура. Тој додава дека тоа нема да се случи без одобрение од народот на референдум.
Груевски вели дека решение за името е можно ако Грција се откаже од уцените и прифати постоење на македонска држава и идентитет.
„Ако се прифати реалноста дека Република Македонија постои и ќе продолжи да постои, ако се прифати реалноста дека Република Македонија се оградува од какви било територијални претензии како што имаат покажано бројни гестови и како што е посочено во Уставот и дека ние не бараме ексклузивност на користење на името Македонија, тогаш може да се најде решение за името. Ако се додаде на тоа и добра волја за помош на соседите, тогаш нема пречка нашите две земји да бидат идеален пример за соработка на Балканот”, вели Груевски.
Toj e дециден е дека македонската влада нема територијални претензии, отфрлајќи ги грчките критики за иредентистичко однесување на владата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Македонија нема територијални прентензии кон соседите. Ова можам да го потпишам со две раце. Тврдењата дека Грција, која е поголема и помоќна, се плаши од Република Македонија се неуверливи. Можам да потпишам дека Република Македонија ќе ги понуди сите барани гаранции дека немаме територијални претензии. Која закана ја видовте од нас во последните 25 години? Всаденото уверување дека постои забуна на географските поими како што се Република Македонија и вашите региони источна, централна и западна Македонија се исто неточни. Има многу примери во Европа кои го докажуваат спротивното. На пример во Белгија има регион Луксембург. Но отидовме во многу детали…”, истакнува Груевски.
Поранешниот премиер одбива да посочи дали е полесна комуникацијата со владата на СИРИЗА, инсистирајќи дека важно е да се најде решение за името, без оглед на тоа која партија е полесна за комуникација. Тој вели дека должноста на македонската влада е да изгради подобри и поблиски односи со грчката влада. Според него, спорот за името е апсурдна расправија што ги блокира македонските обиди за членство во ЕУ и во НАТО и задира во македонскиот идентитет.
Во однос на тоа дали постоел момент кога двете земји биле блиску до постигнување на договор, Груевски вели дека ветото за прием во НАТО сигурно не е тој момент.
“Тоа дефакто се уште е на сила и значително придонесе кон нарушување на билатералните односи. Се што беше пред и после оваа одлука на Грција, беа моменти на приближување на ставовите на двете земји, нешто што се уште е недоволно. Моментите кога имавме, освен разговори преку ООН, и директни разговори помеѓу политичарите на двете земји, исто така даваа надеж. За несреќа, финансиската криза во Грција и севкупниот нестабилен политички амбиент, често во рана фаза ги прекинуваа таквите моментуми”, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за “То Вима”.
Груевски посочува дека грчката јавност е недоволно или несоодветно информирана за состојбите во Република Македонија, што им создава препреки на грчките политичари да донесат похрабри одлуки.
“Треба да ги надминеме стереотипите едни кон други и да гледаме повеќе на работите кои не приближуваат. Верувањето дека со сила или со уцена ќе се наметне нов идентитет на македонскиот народ, е погрешна теза. Таквата позиција ги зацврсти идентитетските одредници на македонскиот народ, затоа што таквиот однос и реализацијата на сето тоа, само предизвикаа претпазливост кај секој еден Македонец. Тие создадоа рефлекси од опасноста да се остане безимен и без она што ние мислиме дека е наш идентитет. Верувањето дека ние сме закана за Грција е целосно неточно”, рече Груевски.
Тој остро го критикува грчкиот став дека со уцена може да се наметне нов идентитет на македонскиот народ.
„Неприфатлива е каква било промена на Уставот со која се менува уставното име на Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ како одговорна и народна партија, нема да дозволи решението што ќе биде наметнато од Грција да биде прифатено од политичари, индивидуалци, влада или парламент без референдум. Ние сме подготвени да го продолжиме дијалогот и да останеме силно посветени на процесот на интеграција во семејството во кое припаѓаме и политички, и културно и економски. Сакаме решение за проблемот, не само за прием во НАТО или ЕУ, туку за да се нормализираат односите со Грција. Сепак, решението не може да биде еднострана желба на една од двете држави, туку компромис кој нема да загрози ничии интереси. Не постои решение издејствувано со сила, закана или уцена кое може да е одржливо”, истакнува Груевски.
Во интервјуто, поранешниот премиер истакнува дека ВМРО-ДПМНЕ очекува убедлива победа на априлските избори. Според него, сите тврдења дека како премиер ја злоупотребил власта, дека не го почитувал владеењето на правото и вршел притисоци на медиумите се само неосновани тврдења и критики.
“Оптимист е благ термин. Јас сум сигурен дека ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе ја добие довербата од граѓаните. Во моментов ја подготвуваме најобемната изборна програма досега, која ќе понуди проекти за сите граѓани. Македонија беше втурната во една длабока криза благодарение на деструктивната политика на СДСМ. Од тој аспект, добро е што дојде до политички договор меѓу партиите. Но, најважно е тој да биде до крај реализиран со парламентарните избори на 24 април. Со нив ќе се стави крај на кризата и земјата ќе продолжи со реформите”.
Интервјуто на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за грчки медиум е преседан затоа што Груевски, додека беше премиер, ниту еднаш не проговори за грчките гласила.

Останати вести