ЕУ И САД ДАДОА ОЦЕНКА:
Не се до крај исполнети условите за избори на 24 април, а 5 јуни е можен датум за избори, или некој друг што ќе биде договорен. Ова се главните делови од мислењето на амбасадорите на САД и на ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав, што во писмена форма беше предадено во Владата на РМ
Во неделата попладне требаше да се случи лидерска средба на четирите најголеми политички партии, при што европскиот и американскиот амбасадор планираа да го објават мислењето на ЕУ и на САД за условите за избори на 24 април. Четири часа Али Ахмети, Зоран Заев и Мендух Тачи го очекуваа Никола Груевски. Не дојде, покажувајќи го јасно неговиот револт.
На сите им беше јасно дека мислењето на влијателната меѓународна заедница инклинира кон ставот на опозицијата – дека изборите треба да се одложат.
Откога се стемни, американскиот амбасадор Џес Бејли седна во кола и отиде во Владата на РМ, каде што официјално му го предаде писмото на премиерот Емил Димитриев.
Јавноста неколку дена ги немаше видено ниту премиерот ниту пак лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Американскиот амбасадор излезе од Владата и пред насобраните новинари го прочита писмото со упатеното мислење на ЕУ и САД. Тој истакна дека внимателно бил следен процесот за исполнување на условите и заедно со Аиво Орав констатирале дека условите за одржување избори на 24 април не се до крај исполнети. Бејли нагласи дека за конечниот датум треба да се договорат партиите и дека одлуката треба да биде изгласана во Собранието.
ХАН ОВОЈПАТ ПОРАЧА: СУШТИНАТА Е ПОВАЖНА ОД ДАТУМОТ ЗА ИЗБОРИ
Суштината и квалитетот на изборите се поважни од датумот, напиша на Твитер еврокомесарот Јоханес Хан.
Ова е писмото доставено до премиерот Димитриев:
“Почитуван г-дине премиер,
Кога се сретнавме со политичките лидери и изборните чинители на 15 јануари во Скопје, се договоривме дека меѓународната заедница одблиску ќе ги набљудува подготовките и спроведувањето на предвремените парламентари избори, во моментов закажани за 24 април во согласност со нивниот политички договор.
Предвремените избори, како што е предвидено со Договорот од „Пржино”, се планирани како клучен чекор во процесот на реформи, кои би ја вратиле довербата на граѓаните во изборните процеси, би обезбедиле правична конкурентност на идеи и политички гледишта и би овозможиле надминување на политичката криза во земјата.
Оваа стратешка цел е повалидна од било кога. Во текот на изминатите месец дена, во блиска координација со релевантни актери и експерти на меѓународно и локално ниво, како и со самите политички партии, внимателно го следевме напредокот и дававме совети во однос на одредени прашања. Овие прашања беа јасно и јавно предочени во писмото што ви го испративме на 28 јануари.
Ние укажавме дека ќе дадеме наша оценка во врска со спроведувањето на обврските од Договорот од Пржино пред да се распушти Собранието, во случај тоа да има потреба да разгледа прилагодување на времето на изборите.
Ние бележиме дека работата на Државната изборна комисија досега, како и наодите на сите релевантни експерти укажуваат дека во оваа фаза, неопходните услови за организирање на веродостојни избори на 24 април, во моментов не се исполнети, иако одреден напредок е постигнат.
Исто така, сè уште не е постигнат договор за реформите во медиумите за да се обезбедат порамноправни услови. Ние, исто така сме загрижени во врска со првичните известувања за вршење на притисок и заплашување на гласачи и на други.
Сето ова е многу разочарувачки. Силно ги охрабруваме сите политички лидери, мнозинството како и опозицијата, и институциите да останат целосно посветени на Договорот од јуни/јули, вклучувајќи ги и досега преземените чекори од овој Договор.
Ако изборите не можат да се одржат на предвидениот датум, се очекува од политичките партии да работат со цел да ги преземат неопходните мерки за овозможување веродостојни избори на најраниот можен датум, и со целосно почитување на обврските како и тековната подготвителна работа на Државната изборна комисија.
Ние разбравме дека партиските лидери го имаат споменато 5 јуни како можна алтернатива. Сега се потребни сериозни напори од сите чинители да обезбедат услови кои би овозможиле веродостоен изборен процес во кој сите граѓани и партии слободно би учествувале.
Политичките лидери имаат одговорност да ги преземат неопходните чекори да ја вратат земјата на евро-атлантскиот пат со спроведување на политичкиот договор како и Итните реформски приоритети во интерес на граѓаните на оваа земја. Ние ќе продолжиме одблиску да го следиме и мериме напредокот.”