СДСМ е казнет не е поради Преспанскиот договор, туку зашто нема в затвор ниеден обвинет од СЈО

Предавството на националните интереси од страна на СДСМ и Зоран Заев преку договорите со Грција и со Бугарија беа основата на изборната кампања на Гордана Силјановска Давкова и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Заедно со обвиненијата за непотизам, тендераштво, криминал, осиромашување на народот, иселување на градовите…

Мицкоски и Силјановска ја извикуваа паролата која еднаш веќе имаше успех: “Нема правда, нема мир”!

Малата излезност во првиот круг од претседателските избори не се должи толку на иселувањето колку што зборува за резигнираноста кај гласачите кои не се определени за неден партиски табор. Преку глава им е и до едните и од другите зашто сметаат дека политичарите ги лажат за да дојдат на власт, а штом седнат во фотелјата почнуваат да ги крадат.
Ете, на пример, како може да се објасни поинаку тоа што “за” Преспанскиот договор гласаа 609,000 а за кандидатот за претседател кој е “против” гласаа само 319,00!?
Или тоа што и покрај сомнителните непотистички вработувања, тендери, нови даноци, мафијашки убиства… за овие скоро 2 години од владеење на премиерот Зоран Заев, кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски доби 4,500 гласови повеќе!? Дури и со фактот дека ДУИ “донесе” само околу 40-50 илјади гласови што покажува и колку е неомилена дури и кај албанската народност.
На сите им е јасно дека она што го кажува Мицкоски по митинзите: дека ВМРО-ДПМНЕ знае како треба да се води држава, дека знае како треба да се води економија, дека знае како треба да изгледа правосудството… е просто модус вивенди на оваа партија која е во постојана кампања уште од 2008 година наваму.
Зашто не сме оперирани од сеќавањата дека ВМРО-ДПМНЕ со Никола Груевски паднаа од власт токму поради непотизмот, партизацијата, тефтерчето на Гоца, благајната на Кирил Божиновски, координацијата на Мартин Протуѓер, центарот за комуникации на Илија Димовски, вработувањата само со партиска книшка, инспекциите против неподобните, бизнисите на Мијалков и Камчев, плацовите на Груевски, прислушкувањата на над 20 илјади лица… Паднаа по долга борба – првите “бомби” беа објавени во пролетта 2015, следеше Пржино 1, се формираше СЈО, “Шарената револуција” се појави во пролетта 2016 како реакција на помилувањата на Ѓорге Иванов, имаше Пржино 2, следеа декемвриските парламентарни избори (на кои ВМРО-ДПМНЕ сепак доби најмногу пратеници), па се случи крвавиот четврток во Собрание на 27 април 2017 и новата Влада беше изгласана на 1 јуни истата година.
Тие две години борба беа сублимирани во една парола: “Нема правда, нема мир”. Ветувањата на новата гарнитура на власт – СДСМ на Заев и ДУИ на превеаниот Ахмети (кој е на власт од 2002 година до денес, со една пауза од 8 месеци) – беа дека ќе се концентрираат на исправање на сите претходни неправди, на казнување на криминалците од претходната власт, дека селективната правда на Груевски повеќе нема да вирее во земјата.
И што имаме две години подоцна? Власта повторно е позиционирана на иста мета и на исто растојание – пак случаи на непотизам, Мира Дизел наместо Силвана Бонева, градоначаник фатен во шверц на цигари кој доби само 6 месеци затвор, амнестија на оние кои ја отворија вратата на Собранието, драконски казни за оние кои влегоа во Собранието ама не тепаа (додека тие што тепаа добија помали казни), договор за нечепкање на ДУИ која делува како држава во држава… А од фантастичните приказни за враќање на наводно украдени 5 милијарди евра и монитор закачен на Триумфалната капија нема ништо; од бомбастичните процеси на СЈО има само две пресуди (“Труст” со Кочан и “Тенк” со Груевски) при што екс-премиерот дури онака “мистериозно” побегна во Унгарија. Обвинетите од “Монструм” шетаат слободно. Со новите даноци на имот за двор од 500 м2 во Скопје треба да се плати едномесечна просечна плата…
“За” Преспа беа 609,000, а “за” Стево и Гога заедно 642,000!?
Анализите велат дека постигнатите 319,000 на Гордана Силјановска Давкова, зад која стои ВМРО-ДПМНЕ, е еден од најлошите изборни резултати на оваа партија во историјата. Овој скор е само околу 15,000 гласови помалку од катастрофалните локални избори во 2017 година.
Истот така, јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ (и Силјановска) не успеаја да ги поттикнат мнозинството од гласачите да им го дадат гласот врз основа на “националното предавство” од страна на СДСМ. Ниту, пак, успеаја да анимираат некој глас повеќе од она верно гласачко тело кое е носечката сила на оваа партија, без разлика на критиките за “црнилата што ги донесе Заев”.
При парламентарни избори вообичаено е да видиме дека на изборите излегле помеѓу 1.1 и 1.2 милиона гласачи. Во неделата излегоа 755,000 или 350-400 илјади гласачи ПОМАЛКУ. Знак дека треба да стават прст на чело пред се од власта ама и од опозицијата.
Не е толку проблем ако во земјата живеат само 1.5 милион жители, туку што не сакаат да гласаат ниту за едните ниту за другите. А парламентарните избори се блиску – дали предвремени оваа есен или редовните во декември следната 2020.
Во моментов ниту СДСМ ниту ВМРО-ДПМНЕ немаат идеја од кој “резервоар” ќе анимираат дополнително гласачи за вториот круг од претседателските избори. Стево Пендаровски може да се надева на гласови плус од албанската народност, за разлика од Силјановска. Но ниту тоа не може со сигурност да биде пресудно бидејќи сега е сосема јасно дека ќе “виси” цензусот. За овие неполни две седмици може да се случи гласачите на ВМРО-ДПМНЕ да одлучат дека е најдобро да се бојкотира гласањето на 5 мај.

Останати вести