Немам избор, само вака моето чедо нема да умре!

Австралијката Дафне од Рокемптон во Квинсленд одлучила да изгради метален кафез за синот кој е зависник од метамфетамин, за да го одржи во живот.

На овој потег очајната Дафне се одлучила откако во сите центри за рехабилитација од дрога и кажале дека не можат да го примат нејзиниот 17-годишен син.
Загрижената мајка потрошила повеќе од 3.000 долари за изградба на кафез во домот, кој има метални решетки и прозори. Зацртала дека на тој начин ќе го задржи синот дома, пишува 9.news.com.au.
По изградбата на кафезот, Дафне се консултирала со полицијата, од каде и кажале дека прави прекршок, бидејќи тоа е принудно одземање на слободата.
Таа рекла дека нејзиниот син не е среќен во кафезот, но бидејќи нема други опции во борбата против зависноста на нејзиниот син, морала да се одлучи на таков екстремен чекор.
„Знаеш дека еден ден ќе заврши мртов или тешко повреден, или пак тој ќе повреди некого. Само се обидувам да најдам некој да ни помогне, но нема никој. Мојот син нема да добие прв автомобил и нема да оди на факултет. Тој ќе добие шанса за живот”, рекла мајката.
Тинејџерот се свртел кон дрогата по низа семејни трагедии. Почнал со алкохол, потоа со марихуана, за на крај да посегне по метамфетамин.
Дафне вели дека нејзиниот син неколку пати се обидел да изврши самоубиство, и токму поради тоа одбиле да го примат на рехабилитација.
„Луѓето на проблемот на мојот син не гледаат како на болест, бидејќи самиот си го создал, но не би било така доколку има вистинска психолошка помош”, рекла мајката.

Останати вести