Неодговорни граѓани продолжуваа да ги кршат рестрикциите воведени во Викторија, а за време на минатиот викенд казни добиле над 200 граѓани на Мелбурн.
Меѓу оние кои со несовесно однесување ги прекршиле рестрикциите биле и девет лица кои се собрале на прослава на 30-ти роденден во приватна куќа во Caulfield, додека 13 лица се фатени додека играле покер во приватна резиденција во Southbank.
Полицијата спречила голем број други лица да одат на „дружење” со пријатели во трговски центри. Еден маж е казнет откога полицијата го видела како застанува на семафор на зелено светло, а возел со шест пати поголемо количество алкохол во крвта од дозволеното. Полицијата за време на викендот издала 202 казни во износ од $1,652 долари на лица кои не ги почитувале рестрикциите што ги објави главниот доктор – 119 лица во саботата и 83 во неделата. Полициската службеничка, наредникот Megan Stefanec изјави дека 72 од вкупниот број на кршења на рестрикциите биле издадени на контролните точки на сообраќајници ширум градот каде граѓаните се сопирани кога оделе на гости кај пријатели, роденденски забави или посети на приватни имоти.
За време на викендот над 17.000 возила се сопрени на контролните точки на главните сообраќајници, а полицијата спровела 2.433 контроли во домови на граѓаните, како и во деловни простории и јавни места ширум државата. Од почеток на операцијата „Sentinel”, односно од 21 март спроведени се речиси 100.000 проверки.