Наместо забава – трагедија. Четворица загинаа во несреќа во тематски парк во популарниот Голд Кост во Квинсленд. Според управата на “Дримворлд”, двајца мажи и две жени загинале за време на брзото возење со сплав низ воден канал.
Локалните медиуми пренесуваат дека несреќата била предизвикана од механички проблем, поради што две лица биле катапултирани од своите седишта на сплавот, додека другите две останале заглавени. За среќа две малолетни деца кои сега се сираци го преживеаја овој трауматичен настан.
Портпаролот на полицијата во Квинсленд изјави дека полицијата нема да дава иформации околу тоа како починале посетителите на паркот бидејќи се премногу страшни.
“Паркот е затворен и во тек е истрага за немилиот инцидент. Ние сме длабоко шокирани и тажни поради овој настан” изјави Крег Дејвидсон, извршен директор на “Дримворлд”.
Возењето во оваа атракција е опишано како “умерено возбудлива семејна атракција” со максимална брзина од 45 километри на час. Очевидци велат дека претходно истиот ден имало запирање на возењето поради технички проблеми.
“Чекавме половина час.Имаше некакви проблеми. Мораа да дојдат инженери за да го отстранат проблемот”.
Дримворлд е најголемиот парк во Австралија и содржи повеќе од 50 различни атракции. Рафтингот е една од нив и постои уште од 1986 година. Вообичано семејното место каде децата безгрижно трчаат и се забавуваат, се претвори во место каде полициски екипи спроведуваат истрага.
Сите податоци укажуваат на тоа дека за несреќата е виновен механизмот на возилото, кој и претходно таа недела се расипувал. За да биде уште потрагично младото момче кое управувало со машините ова му било прва недела на тоа работно место.

