На 23ти јануари 2016, во Мелбурн, се одржа Консултативно Собрание на делегати на Македонските православни заедници во Австралија чии храмови се под духовна надлежност на Митрополитот Дебарско-Кичевски г. Тимотеј.
Меѓу другото, делегатите едногласно заклучија дека наводните одлуки на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ со кои се тврди дека одредени верници на нашите храмови се екскомуницирани, дека некои наши свештеници се невалидни, дека некои наши верници треба да повторуваат веќе одржани крштевки, венчавки и погребни служби, како и дека нашите регистрирани црковни општини треба да ги отстапат своите имоти или да ги стават под некакво старателство, се невалидни и треба да се игнорираат како злонамерни провокации на ‘владика’ Петар Каревски.
Ваквите наводни одлуки директно се косат со основните начела за управување со нашите храмови кои се усогласени на досегашните преговори со Комисијата на Светиот Синод, со владиката Тимотеј и со Архиепископот Стефан. Затоа не се усвоени на вистински синодски седници, со согласност на мнозинството владици. Затоа и не се испратени до нас од страна на надлежниот владика Тимотеј, а самиот Петар Каревски пред Врховниот Суд на австралиската федерална држава Нов Јужен Велс тврдеше дека ниедна комуникација наводно добиена од Архиепископот, Светиот Синод или било кој орган на МПЦ не е валидна ако не е добиена преку надлежниот владика.
Сите основни начела за воспоставување на единство на нашите црковни општини со хиерархијата на МПЦ во Македонија се детално опфатени во нацрт-статутот за регистрирање на Македонска православна епархија во Австралија, предложен и одобрен од страна на владиката Тимотеј, а усвоен едногласно на Епархиското собрание одржано во Мелбурн, на 16-ти јануари 2015. За да влезе тој Статут во сила, се чека негово одобрување од страна на Светиот Синод и Архиепископскиот Црковно-Народен Собoр на МПЦ, без било какви услови или измени наметнати под уцена на Петар Каревски.
Им посочуваме на членовите на нашите општини и парохијаните на нашите храмови дека ваквите одлуки и соопштенија кои се наводно потпишани од г. Стефан се наметнати или се шират од страна на Петар Каревски, за кого со одлука на Врховниот Суд на Нов Јужен Велс е докажано дека се служи со фалсификувани документи, при својата нецрковна хајка за приграбување на имотите и парите на Македонските православни црковни општини во Австралија.
Игор А. Александров
Претседател на Здружението на
Македонски заедници во Австралија
Мирчо Ангеловски
Претседавач на
Консултативното Собрание