За случајот први информираа од опозицискиот СДСМ од каде што додадоа дека свадбената веселба се случила во битолското село Долно Српци и дека невестата е неодамна вработена како секретарка на началникот на униформираната полиција во Битола.
По допрен глас во јавноста, битолското Јавно обвинителство отвори кривична истрага за лица за кои се верува дека се инволвирани во настан во кој, на свадбена свеченост, стрелале од автоматска пушка „калашников”. Случајот е отворен „по написи во повеќе медиуми во кои се пишува за свадбената веселба на која е употребено оружје”, но и во други случаи каде било користено формациското оружје, а кое е забрането да го поседуваат цивили.
„Во насока на информирање на јавноста, заради целосно расветлување на настаните и утврдување на поседување, употреба и можно сторување и на други кривични дела, преземени се одредени дејствија, меѓу кои е и наредба до МВР за натамошно постапување”, стои во соопштението од ОЈО-Битола.
Случајот со употреба на автоматска пушка „калашников”, односно со објавувањето фотографии на кои се гледа како невестата Марија Ристовска-Калешковска стрела и тоа во моментите додека крај неа стојат и деца, најпрво беше обелоденет на социјалните мрежи. Невестата, за која подоцна се потврди дека била вработена во СВР Битола, стрела од „калашников” за кое оружје нејзината сестра напиша дека тоа е „ловџиска” пушка на нивниот татко. Таа додаде дека “пикале огномет” и дека злонамерните написи сакаат да го зацрнат нејзиното семејство.
Автоматска пушка во никој случај не може да биде “ловџиска пушка”, ниту за таква може да се даде дозвола. Според некои експерти за оружје, во случајов се работи за “калашников” од поново руско производство, какви што во голема количина се донесени во 2001 година.
Објавените фотографии предизвикаа бура од негодувања во јавноста, по што за случајот со став, во името на Министерството за внатрешни работи, излезе и министерот Митко Чавков.
„Утврдени се факти кои посочуваат дека навистина се работи за семејна веселба и за оружје кое не е службено, но постојат сериозни индиции дека постои повреда не само на прописи поврзани со Законот за внатрешни работи, туку се истражува и евентуална кривична одговорност”, рече Чавков и потврди дека во расчистување на случајот е активиран и Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди.