ЈАВНОСТА ЗА ПРВПАТ ЅИРНА ВО БЕЛИОТ ДВОРЕЦ НА ВЛАДАТА
„Што се исчудуваат сега министрите на СДСМ како изгледа зградата на Владата, кога речиси една година како технички министри доаѓаа и го гледаа истото”, коментираше Никола Груевски.
Според податоците на владината Службата за општи и заеднички работи, за промената на фасадата, за новиот ентериер и оградата владата потрошени се 21.9 милиона евра или околу $ 33 милиона австралиски. Поточно за новата фасада се потрошени нешто повеќе од 16 милиона евра, 5.2 милиона евра за ентериерот и уште 700 илјади за оградата.
На денот кога се одржуваше првата седница на новата Влада, премиерот Зоран Заев ги покани медиумите за првпат да ја разгледаат оваа зграда, две години по нејзиното пуштање во употреба.
Во новиот ентериер на владината зграда, за чие уредување Владата на Никола Груевски потроши 5,2 милиони евра, има и 7 портрети на сите досегашни премиери во независна Македонија насликани во техниката масло на платно.
Ентериерот на зградата на Владата е луксузно реновиран, со кожни фотелји, фин дрвен паркет, има нова сала за владини седници и нова сала за приеми. Вратите се од масивно дрво и големи лустери.
Во ходникот кој води до канцеларијата на премиерот висат портретите на Никола Кљусев, Бранко Црвенковски, Љубчо Георгиевски, Хари Костов, Владо Бучковски, Никола Груевски и Емил Димитриев. Шест од портретите се со иста големина, а двојно поголем од другите е оној на Груевски, на кој е насликано и македонско знаме.
Според потписите на сликите, сите се насликани во 2017, а авторите се уметници од Русија и Украина.
НОВИТЕ МИНИСТРИ СЕ ПОЖАЛИЈА: Од кабинетите фалат компјутери и мебел
Состојбата во кабинетите и канцелариите во Владата и ресорните министри е многу лоша бидејќи се спровел вистински „пустош” со вадење на компјутери, мебел и инветар. Затоа новите министри се изненадени од состојбата која ја затекнале, пишува порталот “Фокус”.
– Освен кабинетот на премиерот, на кој ништо не му недостасува, туку напротив, дури плени со луксуз, на сите други им фали опрема. Во скоро сите кабинети недостигаат компјутери и друга техничка опрема, а негде нема ниту мебел, кои исчезнале со заминувањето на претходниот владин кабинет, велат за “Фокус” извори од новата влада.
Колку за потсетување, техничките министри и дополнителни заменици-министри од СДСМ во пржинската влада за спроведување на изборите, исто така, почнаа со работа во полупразни кабинети во неколку министерства, меѓу кои за труд и социјала, за земјоделство и други.


