Ние сме Mакедонци, зборуваме на македонски јазик и крајно време е да се почитува пресудата од Хаг

Македонскиот премиер Никола Груевски имаше обраќање пред Генералното собрание на ОН

– Нашата позиција е добро позната и таа е во контекст на реалноста, дека ние сме Македонци, говориме македонски јазик и живееме во држава со уставно име Република Македонија. Меѓународното право треба да се почитува од сите и во сите случаи, а не наменски, порача македонскиот премиер Никола Груевски во обраќањето пред Генерално собрание на ОН во Њујорк, осврнувајќи се на прашањето за разликата со Грција околу името на Република Македонија. 

ОН да не стои на страна од решавањето на спорот за името
– Крајно време е Обединетите нации повеќе да не стојат настрана од процесот на решавањето на спорот околу името, кој силно ги попречува македонските евроатлантски интеграции и го намалува капацитетот на земјата да одговори на актуелните предизвици, како бегалците и заканите од ИСИС. Затворањето на отворените прашања врз база на принципите на ОН, и тоа што побрзо, треба да биде стратешки приоритет на светската организација. Меѓународното право треба да се почитува од сите и во сите случаи, а не наменски. Оттука и одлуката на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, донесена во корист на мојата земја, треба да се почитува од сите членки на оваа организација, особено затоа што тој суд е основан од ОН и треба да е гарантот на спроведувањето на правдата и на билатералните договори склучени под покровителство на ОН. Во спротивно довербата во светската организација и нејзините тела и органи ќе опаѓа, нагласи Груевски.
Според премиерот Груевски, треба ангажман за да се мотивира Грција да пристапи кон решавање на ова прашање, имајќи ја предвид инертноста која во дел е резултат на објективни причини заради неповолната економска состојба.
– Како две пријателски зем­ји кои освен овој немаат друг проблем треба да се почитуваме и да соработуваме, да разговараме. Би сакал да ја повикам новата Влада во Грција, како што правевме и во претходните случаи, во духот на добрососедските односи и пријателството, да го решиме ова нерешено прашање како одговорни лидери и држави пред нашите народи. Како соседи, почитувајќи ја Времената спогодба од 1995 година како темел на нашите односи, неодамна договоривме список на практични мерки за градење доверба кои ќе бидат спроведени меѓу нашите земји, позитивен чекор што може да доведе до создавање погодна клима за надминување на разликите во врска со името. Се надевам овој пристап ќе продолжи и со новата грчка Влада, рече Груевски.
Лобирање за Керим
Груевски не заборави да лобира и за кандидатурата на Срѓан керим за нов генерален секретар на ОН.
– Она што нам ни е потребно и за сегашноста и за иднината е ООН да продолжи да ја игра својата улога на глобален лидер, за добробитта на човештвото. Во тој контекст, охрабрувачки е што земјите-членки одлучија да му дадат поголема улога на Генералното собрание во претстојниот избор на следниот генерален секретар. Имајќи го предвид фактот дека ниту еден Генерален секретар досега не бил избран од источно-европската група, ние силно го поддржуваме барањето на нашата група во таа насока. Република Македонија останува посветен поддржувач на мултилатерализмот со ОН во неговата средина и верува во предностите што мултилатерализмот му ги носи на светот. Тоа останува главниот принцип на нашата надворешна политика, рече во обраќањето Груевски.

Останати вести