Поетот Никола Маџиров избран за национален уметник за 2016

Македонскиот поет и преведувач Никола Маџиров е избран за национален уметник за 2016 година, соопшти министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Согласно законскиот рок, утврден во Законот за национален уметник, до Министерството за култура оваа година пристигнале три иницијативи. Од Младинскиот културен центар (МКЦ) за Никола Маџиров, од Хуманитарното друштво Хендикепирано лице од Скопје за д-р Самуел Садикарио и Друштвото на писатели на Македонија за академик Радован Павловски. Увид во иницијативите извршила Комисија составена од академиците Митко Маџунков и Вера Битракова Грозданова, проф. м-р Тања Вујисиќ-Тодоровска, актерот Петар Темелковски и проф. Беди Ибраими, академски сликар и скулптор.
– Единствено иницијативата на МКЦ за Никола Маџиров е доставена во законскиот утврден рок и е во согласност со Законот за национален уметник. Иницијативата на Хуманитарното друштво Хендикепирано лице од Скопје за д-р Самуел Садикарио не е во согласност со член 4, став 3 од Законот за национален уметник на Република Македонија, во кој е утврдено дека неа можат да поднесат јавни установи од областа на културата, високообразовни научни установи и здруженија на граѓани од областа на културата – рече Канческа-Милевска.
Документацијата за третата иницијатива од ДПМ била доставена надвор од законскиот рок и без прилог на документација.
– Никола Маџиров е еден од најистакнатите македонски поети и преведувачи од помладата генерација, кој со своето постојано и активно учество на врвни меѓународни книжевни фестивали во последните години дава значаен придонес во афирмацијата на новата македонска книжевност во светот – рече Канческа-Милевска.
Негова поезија е објавена во над 50-тина држави во светот, во Европа, САД, Азија, Африка, Латинска Америка во Австралија и е преведена на 41 странски јазик. Маџиров е добитник на повеќе книжевни награди, меѓу кои „Браќа Миладиновци” на Струшките вечери на поезијата за поетската книга „Преместен камен” (2007), Европската поетска награда „Хуберт Бурда”, „Левју литерер”… Тој има настапувано на најголемите и најреномирани поетски фестивали во светот.
Ова највисоко признание од областа на културата во Република Македонија го востанови Владата во 2011 година. Титулата национален уметник досега ја добија Симон Трпчески, Милчо Манчевски, Есма Реџепова, Борис Трајанов и Ана Дурловски.

Останати вести