„Никола Младенов“ за „Скопје 2014 под лупа“ на БИРН

Македонскиот институт за медиуми (МИМ) по 15-ти јубилеен пат ја додели новинарската награда за најдобра истражувачка сторија, која од 2013 го носи името на трагично починатиот новинар Никола Младенов.

Првата награда за 2015 година, со едногласна одлука на жирито, ја доби новинарскиот тим на Балканската истражувачка мрежа БИРН за истражувањето „Скопје 2014 под лупа”, објавено на порталот Призма. Втората награда ја доби новинарката Билјана Николовска од телевизија Телма за документарниот филм „Кога здравствениот систем убива дете” за малата Тамара од Велес која почина пред повеќе од една година, а боледуваше од сколиоза, додека третата награда ја поделија Џелал Незири од СКУП Македонија за сторијата „Во токсичното кралство на Југохром” и новинарите Горан Ризаов, Сашка Цветковска и Борјан Јовановски за серијалот текстови за аферата „Телеком” објавени на порталот Нова ТВ.
На годинашниот конкурс се пријавија 20 автори и тимови на новинари истражувачи, со вкупно 37 стории обработени во 97 текстови/прилози објавени во дневните весници, на телевизиите и на интернет порталите. Наградата се доделува од 2001 година, како дел од заложбите на МИМ за унапредување на професионалното новинарство и на демократските вредности во Македонија.

Останати вести