Ништо ново околу признавањето на името во Австралија

Дејвид Колман – пријателот на Македонците и еден од храбрите пратеници кој не се плаши да зборува во Пар­ла­мен­тот за Македонија и Македонците организира средба со министерката за ндворешни работи Џули Бишоп

Министерката за надворешни работи г-ѓа Џули Бишоп по покана од пратеникот на федералниот парламент од Банкс и пријател на македонската заедница во Австралија Дејвид Колман оствари куса неформална средба со неколку членови на македонската заедница.
На средбата присуствуваа Оливер Димоски како член на либералите, претставници од хуманитарната заедница Св. Архангел Гаврил, од училиштето за македонски јазик од Пикхрст и неколку претставници на македонската православна црква.
На средбата им се даде прилика на гостите да постават и прашања што ги засегаат нив како индивидуи и членови на нивните организации.
Оливер Димоски ги постави прашањата за признавањето на Република Македонија под уставното име и отворањето на амбасада на Австралија во Република Македонија за олеснување на дипломатско конзуларните услуги на граѓаните на двете држави.
Почитувана министерке Бишоп, ви благодариме на присуството, во вашата предизборна кампања ветивте дека ќе ја признаете Република Македонија под уставното име, дојдовте многу блиску до тоа но наеднаш се повлековте зошто? Кога веќе Велика Британија и Соединетите Држави ја признаа Македонија, што ја спречува Ав­стралија? Сигурно во предизборната кампања знаевте за договорот во Обединетите Нации?
Одговорот што уследи беше дека министерката никогаш не дала ветување пред македонската заедница во Австралија дека ќе ја признае Македонија туку дека само ветила дека ќе го разгледа прашањето и дека Австралија се води од официјалната одлука на Обединетите Нации и буквално нема поместување додека Скопје и Атина не најдат решение.
На второто прашање кое се однесуваше на причината за немањето амбасада на Австралија во Македонија и дали ќе се отвори амбасада во Скопје со која ќе им се олесни на граѓаните при вадењето на визи поради кои понекогаш треба да патуваат до Белград министерката одговори дека немањето амбасада не е поврзано со името туку е чисто од финансиски причини, ама во догледно време доколку се има доволно буџет ќе го разгледаат списокот на земји каде што треба да отворат амбасади без да ја посочи Македонија директно.
Во врска со прашањето за името вреди да се спомене дека двете најголеми партии во Австралија Либералите и Лабуристите излегуваат со една официјална и скоро идентична изјава а тоа е дека ќе се чека Македонија и Грција да го решат проблемот.
Шило

Останати вести