Бугарски град го забрани носењето на бурки: Секое прекршување на забраната ќе биде казнето!

Бугарската полиција ја поддржаа забраната истакнувајќи дека истата била потребна затоа што бурките кои што го прекривале лицето ја оневозможувале брзата идентификација.

Бугарскиот град Пазарџик воведе забрана за носење на бурки кои што целосно го прекриваат лицето. На овој начин, локалните власти сакаат да ги намалат тензиите во градот и да го зголемат нивото на безбедност.
Оваа забрана е поддржана од политичари од различни бугарски партии во градот во кој што живеат околу 70 илјади жители и истата се однесува на ромската заедница каде што жените практикувале да носат бурки кои што целосно го прекриваат нивното лице.
„Не сакам повеќе да слушнам дека Пазарџик е град во кој што се носат бурки. Сакаме гласно да кажеме дека ние не сме такви, туку дека сме град во кој што живеат одговорни луѓе за кои што се врзуваат други достигнува­ња”, соопшти градоначалникот на Пазарџик, Тодор Попов на бугарското државно радио.
Околу 12 проценти од жителите на Бугарија се муслимани и претежно припаѓаат на групата етнички Турци чии што жени не практикуваат да носат бурки кои што го прекриваат целото лице.
Градоначалникот на Пазарџик исто така порача дека секое прекршување на забраната ќе биде казнето, а полицијата ја поддржа забраната и објасни дека сето тоа е потребно затоа што бурките кои што го прекирваат целото лице досега ја отежнувале идентификацијата.
Додека турскиот етникум не го практикува тоа, дел од Ромските муслиманки започнале да ја практикуваат конзервативната форма на Исламот (која што во голема мера е спонзорирана од Саудиска Арабија и Катар) и во последните неколку години започнале да го прекриваат целото лице, а тоа ги иритирало бугарските националисти.
Претходно овој месец, бугарскиот „Патриотски фронт”, партија која што ја поддржува Владата на премиерот Бојко Борисов предложи усвојување на нов член од Кривичниот закон со кој би се забранило носењето на бурки на јавни места. Како главни причини за овој предлог се наведени потенцијалните закани за националната безбедност.

Останати вести