ВМРО-ДПМНЕ кога ќе биде на власт ќе бара нов договор со Бугарија, доколку не ја сменат реториката и доколку не отстапат од своите позиции. Ова го рече лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски, во гостување во емисијата “200” на ТВ Алсат.
– Ако после определен временски период упорно се продолжи на асимилација на овој народ – се напушта билатералниот договор потпишан со Бугарија. Таа влада, којашто јас ќе ја предводам, ќе го напушти тој договор. Затоа што тој договор не дал просперитет или шанса за просперитет на овој народ, без разлика на различните етнички групи коишто се дел од оваа држава, на македонскиот народ и ќе бараме нов договор со Бугарија, рече Мицкоски.
Тој додаде дека за него е неприфатливо тврдењето дека македонскиот идентитет и јазик почнуваат од 1945 година.
– Ако бугарската теза е дека ние одеднаш сме се освестиле во 1945 година и од тој момент сме се прогласиле за Македонци коишто го кодифицирале својот јазик, таа теза не можеме да ја поддржиме, затоа што, нема ниту историска ниту каква било етнолошка антропологија. Ако нивна теза е дека биле администратори коишто дошле да нè ослободат, тоа не можеме да го прифатиме. Постои договор за капитулација со којшто Бугарија признава дека била на страната на фашистичкиот окупатор, рече Мицкоски.
Мицкоски: ВМРО е нашиот идентитет, затоа сакаат да ни го земат!
„ВМРО е нашиот идентитет, затоа сакаат да ни го земат” – порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Тој објави видео од гостувањето во емисијата на новинарот Јанко Илковски.
– ВМРО е дел од македонскиот идентитет. Вие без ВМРО немате македонски идентитет. И историското и ова ДПМНЕ сега. Тоа е дел од македонскиот идентитет. Денеска никој не бара поддршка и спас од СДСМ и Зоран Заев. Дали е ВМРО на власт или опозиција, сите бараат од ВМРО спас. Затоа сакаат да ни го земат, затоа сакаат од ’45-та да постоиме како Македонци, за она ВМРО на Татарчев, Груев и останатите да биде бугарско, да не биде македонско. Да не биде Крушево Илинден македонски, туку да биде бугарски, истакна Мицкоски.