Владата бара нов ребаланс на буџетот поради поплавените

Со предлог измените на буџетот кои се веќе доставени до Собранието, Владата на РМ бара дополнителни средства во висина од 36.4 милиони евра ($ 54 милиона) кои треба да се искористат за надминување на последиците од поплавите.

Од оваа сума 3 милиона евра веќе се обезбедени од странските донации.
Парите, според документот, ќе се обезбедат со заштеди кај буџетските корисници а дел и со зголемување на дефицитот. Новиот ребаланс на буџетот ке го зголеми дефицитот од 3.6 на 4% од БДП.
Новиот ребаланс ќе биде втора корекција на државната каса откако пред само еден месец пратениците го изгласаа првиот ребаланс на буџетот и беше издадена еврообврзница од 450 милиона евра.
Економистите не се изненадени од ваквиот потег на Владата, но се сомневаат во тоа дека поплавите се основната причина за ребалансот.
– И со претходниот ребаланс останаа апсолутно неоправдани и непродуктивни проекти а се зголеми дефицитот а со тоа и долгот. Новиот ребаланс нема извор од каде ќе бидат парите, а резултатот ќе е зголемен дефицит и долг што не е во ред, вели академикот Абдулменаф Беџети.
– Се ребалансира буџетот за да се зголеми долгот а не мора и не треба. Треба да се земе од некои ставки што не се приоритетни и да се даде на поплавените, додава универзитетскиот професор Ванчо Узунов.
Премиерот Димитриев вели дека со новиот ребаланс ќе се обезбедат потребните пари и дека оваа сума, која веднаш ќе почне да се троши, понатаму ќе се надомести со средства од меѓународни институции.
Токму оваа бројка е спорна за економистите бидејки проценките не се завршени и не се знае колкави се штетите на поплавените. Дали сите пари ќе одат кај поплавените? Официјално засега нема проценка за штетите.
За да се спречи натпреварот помеѓу власта и опозицијата околу распределбата на парите, академик Беџети предлага формирање на посебен фонд, наречен наметната солидарност, со кој ќе се гарантира не обемот туку квалитетот на обесштетувањето.
– Ако сме ги констатирале штетите 30-40 милиони евра, да се донесе времен закон со траење од 3-6 месеци кој ќе генерира приход за оштетата. Кога нема институции за да ја спроведат солидарноста, тоа да се направи со закон, порачува Беџети.

Неделава авансна исплата на обесштетувањето, целосната сума ќе се исплаќа по секоја завршена проценка поединечно

Владата објави дека од средината на оваа недела ќе почне со авансна исплата по 30,000 денари (околу $ 715) линеарно на сите погодени семејства од поплавата во Скопско. Ова е повисока сума од претходно објавените $ 445 – пари кои подоцна ќе се одбијат од проценетата штета. Според ветувањето, Владата 100% ќе ги обесштети материјалните штети на настраданите семејства.
За секој од загинатите 23 лица засега е определено дека ќе се исплаќаат по околу $ 4,500 како помош.
Досега над 40 комисии направија увид во над 3,500 домаќинства каде што се попишуваше оштетата на недвижност и на движниот имот, како и увид во над 1,400 возила. 15 тимови за проценка на земјоделските поседи досега имаат посетено околу 800 парцели и е извршена проценката.
Целосното обесштетување ќе уследи по завршување на проценките. Премиерот Емил Димитриев објаснува дека нема да се чека целосно да заврши проценката за сите, туку како поединечно ќе стануваат валидни, така ќе се исплаќаат средствата.
Веќе е упатен апел до оштетените да отворат сметки во банките за да ги примат парите од авансот.

Останати вести