Бојан Јовановски и неговата невладина организација “Меѓународен сојуз” во шемата за изнудување пари од бизнисмени планирал да гради пензионерски домови. Од истрагата за случајот „Рекет” излегуваат и други податоци – Боки 13 имал уште една невладина организација, “Интернационална асоцијација за заштита на човековите права”, преку која планирал да гради станови за сиромашни млади лица. И во двете варијанти први на листата биле градежниците.
Скопска градежна фирма поднела кривична пријава против деловната партнерка на Бојан Јовановски за измама, објави емисијата “Код” на Снежана Лупевска. И оваа фирма била измамена според истата веќе позната шема од договорите со ГП „Пелистер” од Битола и „Дрим билдинг” од Струга.
Интересно е тоа што оваа невладина организација – “Интернационалната асоцијација за човекови права” – била основана пред “Меѓународниот сојуз”. И тука Бојан Јовановски имал деловна партнерка (засега не се откриваат имињата на партнерката и на градежната фирма) која заедно со него ги убедувале бизнисмените за нивниот проект, за нивните познанства со власта и можност за добивање грантови од европски фондови.
На оваа шема паднале менаџерите на една скопска градежна фирма која во периодот од јуни до декември 2017 година уплатиле речиси 260 илјади евра на лична сметка на партнерката на Боки 13. На 10 јануари 2018 година тие успеале да си ги вратат парите заради неисполнување на обврските од договорот. А вака големите уплати на сметка на приватно лице го привлекло вниманието на истражните органи.
Според договорот било предвидено изградба на станови, на спортски објекти, едукација за здрав живот и медиумска програма за општествена одговорност. Парите биле уплатени во неколку транши: 13.500.000, 1.977.600 денари и 618.000 денари.
И овој случај е дел од истрагата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Адвокатот на Бојан Јовановски, Сашо Дуковски, во изјава за “Код” рече: „Се плашам дека политиката ќе направи сè да падне на грбот на Јовановски”.