Може ли Иванов со нова аболиција да го запечати претседателскиот мандат?!

Минатата седмица во претседателската Вила Водно пристигнале барања за помилување од неколкумина осудени за крввиот четврток на 27 април 2017.

Без да соопштат детали, од Кабинетот на претседателот Иванов само потврдија дека дел од обвинетите поднеле молби за амнестија. Засега нема информација колку барања вкупно се пристигнати, ниту каков е ставот на претседателот по однос на овие барања.
Неофицијално од адвокатски извори се дознава дека роднини на осудените минатата недела при нивните посети во затворот во Шутка барале осудениците да се потпишат на овој документ доставен до Иванов.
Истовремено до Кабинетот на претседателот е испратен и допис со кој адвокати на дел од осудените бараат Иванов да спречи селективен прогон (што е согласно Уставот) откако во истиот судски процес петнаесетина обвинети, меѓу кои и пратениците кои ги отворија собраниските врати, беа амнестирани.
Засега се шпекулира дека амнестија од Иванов побарале оние со најголеми затворски казни. Наводно од шпекулациите е изземен Александар Василевски Нинџа, бидејќи другите осуденици му се лути бидејќи најмногу соработувал со Обвинителството.
Интересно е и тоа што дел од осудените веќе дури барале наместо во притвор во Шутка, до правосилност на пресудата и одлука по нивните жалби да почнат да ја издржуваат казната во затвор. Трансферот го бараат поради подобрите услови кои ги има во затворите во кои не важат ограничувањата од притворот.
Пресудите од 211 години за сите петнаесет осудени се уште не се правосилни, се чека жалбената постапка пред Апелацискиот суд. Потоа има можност за жалба и до Врховен.
Помилување дури по прависилност
Премиерот Зоран Заев изјави дека законски не е можно претседателот да ги помилува осудените за нападот на Собранието на 27 април 2017.
– Не очекувам аболиција од претседателот Иванов оти не постои такво нешто како законска можност. Со последното давање на аболицијата и со поништувањето, по закон претседателот тоа право не може да го искористи повеќе. Парламентот може во иднина да даде такви права на претседателот, но во моментов такво право не постои, изјави Заев.
Според експертите, во оваа фаза со неправосилни пресуди претседателот самостојно нема можност да ги помилува осудените. Блиските и роднините можат да поднесат молби само откако пресудите ќе станат правосилни, а дотогаш можно е помилување само по предлог на Министерството за правда. Од таму велат дека досега до министерството не е пристигната иницијатива за помилување.
Што е помилување а што амнестија
Помилувањето и амнестијата се два различни процеси. Помилувањето доаѓа од Претседателот на Репбуликата а амнестијата од Собранието. Претседателот може да дава помилувања, ама само преку Министерството за правда и Комисијата за помилување. Професорот по уставно право Светомир Шкариќ предупредува дека јавноста мора да прави разлика меѓу амнестија, помилување и аболиција (ослободување од судско гонење во било која фаза од постапката – можност која сега законски повеќе ја нема).
– Сметам дека не би било добро претседателот на државата сега да интервенира, со оглед на фактот дека осудените за настаните од 27 април сега имаат право на жалба, постапката не е целосно завршена, а пресудите не се правосилни.
За поранешниот врховен судија Дане Илиев уште една пречка е квалификацијата на делото – терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста – што не остава простор да се разговара за нова амнестија.
– Доколку претседателот Иванов донесе одлука за помилување сега, тоа би било класична злоупотреба на функцијата претседател, затоа што одлуката подоцна може да се прогласи за ништовна и подоцна тој да одговара. До крајот на неговиот мандат реално остануваат уште неполн месец и мислам дека ако имал таква намера тоа можел да го направи и претходно, затоа што условите биле исполнети можеби и пред една година. Затоа не очекувам сега да се донесе таква одлука, појаснува Илиев.

Останати вести