„Стар” наведува дека првичниот грчки предлог бил „Вардарска Македонија”, но сега се дошло до предлогот „Нова Македонија” – истиот што беше предложен во Лисабон во 1992 година.
„Нова Македонија” е предлогот за кој требало да се разговара на вторничната средба во Брисел помеѓу медијаторот Метју Нимиц и прествавниците на Македонија и на Грција, објави грчката телевизија „Стар”.
Во прилогот објавен во централните вести на телевизијата, се нагласува дека доколку Скопје се согласи со овој предлог ќе се отвори патот за решавање на прашањето за името во првата половина на 2018 година, како што најавија и премиерот Алкесис Ципрас и шефот на дипломатијата Никос Коѕијас.
„Стар” наведува дека првичниот грчки предлог бил „Вардарска Македонија”, но сега се дошло до предлогот „Нова Македонија”, како што било во 1992 година во т.н. пакет „Пинеиро”, што тогаш бил одбиен.
Грците не сакаат
“Северна” Македонија, зашто тоа имплицира дека има и “Јужна” за да биде цела
Име со географската одредница како „Северна Македонија” не е прифатливо за грчката страна, бидејќи, како што се наведува, “не би го спречил иредентизмот на Скопје и имплицира постоење и на јужна Македонија, што не е прифатливо ниту за Грција ниту пак за Бугарија”.
Притоа се потсетува на изјавата на Ципрас за „Стар” дадена по стапувањето на власт, во која вели дека Грција згрешила што пред 20 години не го прифатила пакетот „Пинеиро” кој предвидувал сложено име со географска одредница, што според него, би било добро решение за спорот.
„Стар” коментира дека сега прашањето е како предлогот ќе помине во грчката Влада, особено кај Панос Каменос – коалицискиот партнер на Ципрас, кој досега остро се противеше зборот “Македонија” воопшто да стои во името на северниот сосед. Што се однесува на Парламентот и опозициската Нова демократија, „Стар” го пренесува очекувањето на Ципрас дека тоа нема да биде проблем бидејќи предлогот ќе биде прифатлив за некои опозициски пратеници со што ќе се овозможи да помине во законодавниот дом.