Спомен-собата на Гоце Делчев во комплексот на црквата „Свети Спас” во Скопје, каде е и неговото вечно почивалиште, има целосно реконципирана и осовременета музејска поставка.
Поставката е мултимедијална и содржи документи, фотографии, документарни и играни филмски материјали, уметнички дела поврзани со животот и делото на Делчев (1872-1903). На специјално подготвени информативни столбови се претставени значајни периоди од неговиот живот, едукацијата и револуционерното делување, подготовките за ослободителната борба, периодите пред и по Илинденското востание, трагичната смрт на Делчев и пренесувањето на неговите посмртни останки, како и поглавје за независната држава за која сонувал Делчев.
Новата поставка ја уреди стручен тим на Конзерваторскиот центар на Град Скопје, а автор на поставката е Румен Ќамилов. Спомен-собата може да се посети од 9 часот секој ден освен понеделник.
– Оваа музејска поставка е своевидно сведоштво за храброста, борбеноста, длабоката посветеност и придонесот на Делчев и неговите современици во чувањето на чистото македонско револуционерно дело кое го поттикна македонскиот народ да стане креатор на сопствената судбина. Уверена сум дека со оваа нова програмска содржина, комплексот „Св. Спас” ќе стане информативен центар во кој ќе гравитираат голем број посетители, но и студенти, истражувачи кои ќе ги збогатуваат своите сознанија за познатите и непознатите предели од богатото македонско историско минато, истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Во обновената Спомен-соба беше промовирана и книгата „Создавањето на современата македонска држава” посветена на периодот од втората половина на 19 век до крајот на 20-тиот. Историчарите Владо Поповски, Виолета Ачкоска, Ванчо Ѓорѓиев и Зоран Тодоровски се автори на четирите дела во книгата: периодот на источната криза од 1875 до 1881 година (Разловечко и Македонско т.е. Кресненско востание), периодот од формирањето на Македонската револуционерна организација (1893) до 1912 година, од 1912 до 1941 и периодот од НОБ до референдумот за независност во 1991 година.
Двајца од авторите, Ѓорѓиев и Ачкоска, на промоцијата рекоа дека книгата е наменета за пошироката читателска јавност, но и за луѓето надвор од Македонија кои немаат познавања за македонската историја.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека монографијата содржи факти и аргументи за клучните моменти од македонската борба за слобода и државност и, како што рече, преку неа вистината за Македонија, за македонската борба, името и идентитетот ќе станат поразбирливи и поблиски до многумина во светот. За таа цел до крајот на годината изданието ќе има и англиски превод, а за достапност до пошироката меѓународна јавност ќе биде преведено и на други јазици.
