Во Виена нова рунда преговори за спас на договорот од Пржино

Што ќе донесе оваа нова лидерска средба? Бетонирање на 5 јуни или ново одложување?

Лидерите на четирите најголеми политички партии во Македонија: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, кои го потпишаа и Договорот од Пржино, се поканети на 22 март во Виена на средба со еврокомесарот Јоханес Хан и тројцата европратеници кои посредуваат во македонската политичка криза (Хауит, Кукан и Вајгл).
„Целта на состанокот ќе биде да се разговара за изнаоѓање решение за кризата и да се осигура дека лидерите ќе продолжат со имплементација на Договорот од Пржино и реформските приоритети. Лидерите на политичките партии мора да покажа желба за да ја вратат земјата назад на евро-атлантскиот пат”, рече портпаролката на комесарот Хан, Маја Коцијанчич.
На средбата, ќе присуствуваат и амбасадорите на ЕУ и на САД во Македонија, Аиво Орав и Џес Бејли.
Најавата за состанокот доаѓа по крајно спротивставените ставови на двете најголеми македонски политички партии во врска со одржувањето на предвремените избори и особено по последната акција на претседателот Иванов и неговото помилување на лица за кои допрва треба да се води истрага.
ВМРО-ДПМНЕ веднаш објави дека ќе оди во Виена, додека од СДСМ објавија оти треба да се консултираат со граѓанските здруженија кои стојат зад асоцијацијата # Протестирам. Се претпоставува дека Заев сепак ќе отпатува во Виена и тоа со цврст став дека избори на 5 јуни не треба да има, а ако ги има, опозицијата нема да учествува.

Хан од САД порача: Нема признавање на новата Влада без кредибилни избори
Еврокомесарот Јоханес Хан минатиот викенд од САД порача дека меѓународната заедница нема да ја признае новата влада доколку во земјата не се организираат кредибилни избори. Тој истовремено повика лидерите повторно да седнат заедно и да изнајдат решение за избори.
Неговата изјава имаше силен ефект на македонската политичка сцена.
Од СДСМ и од ДУИ ја поздравија оваа изјава на Хан, додека ВМРО-ДПМНЕ практично ја одмолчи. Од СДСМ остануваат на ставот дека во земјата нема условите за одржување на избори на 5 јуни затоа и нема да учествуваат во нив. ДУИ вели дека е на иста линија со комесарот Јоханес Хан, оти политичките партии треба да се фокусираат овие избори да бидат кредибилни.
Изјавата на Хан не ја коментираа во партијата на Тачи, со оглед дека нивното учество на изборите е неизвесно и одлуката за тоа дали на 5 јуни ќе бидат дел од процесот ќе ја донесат во координација со меѓународните претставници.

Останати вести