Уште една трагедија го потресе фудбалскиот свет. 26-годишниот Бразилец, Бернардо Рибеиро почина откако доживеа срцев удар за време на натпревар.
Рибеиро, кој е бивши фудбалер на австралискиот Њукасл, играше аматерски меч за локалниот тим Фрибургуенсе кога одеднаш падна на теренот, а лекарите само можеа да констатираат смрт.
„Спортската јавност во Бразил е шокирана. Фрибургуенсе остана без голем спортист и прекрасен човек, кој беше почитуван од секој член на нашиот тим и техничкиот персонал. Изразуваме сочуство до неговото семејство”, стои во соопштението од клубот.
Ова е втор случај на смрт на фудбалските терени за само три дена, откако во петокот на терен почина фудбалерот на Динамо Букурешт, Патрик Екенг.