Во понеделникот (вчера) се очекуваа во Македонија да стасаат 10.000 вакцини на „Фајзер” . Тие стигаат со авион до Софија и потоа со специјален транспорт (ладен ланец) во попладневните часови се доставуваат во Скопје.
До неделата во Македонија имаше неискористено 10-ина илјади вакцини на “АстраЗенека”, 3.000 од „Спутник V” и 1.000 кинески “Синофарм”.
Досега околу 36.000 граѓани се вакцинирани, соопшти министерот за здравство Венко Филипче. На новинарско прашање дали со вакцините “Фајзер” ќе бидат вакцинирани трудници, Филипче одговори дека имунизацијата ќе продолжи според планот, односно според возрасните групи. Сега тече вакцинирањето на лица над 70 години возраст.
Со почетокот на масовната вацинација се почувствува намалување на притисокот на пациенти во дневните болници.
Министерот Филипче денес (вторник) ќе биде во Белград каде ќе се сретне со колегата Златибор Лончар и со директорката на Институтот за вакцини “Торлак” со кои ќе разговара за соработката, за размена на експертиза, како и за стратешки план за набавка на вакцини од овој погон каде започна произвидството на руската вакцина, а до октомври треба да “протече” и кинеската.
– Во овој момент нови количини вакцини не ни се потребни, но не можеме да претпоставиме како ќе се одвива пандемијата. Ќе разговараме за тоа Институтот “Торлак” да ни биде стратешки партнер во делот на набавка на вакцините со оглед на тоа како ќе се одвива пандемијата – објасни тој.
Министерот потсети дека преку системот Ковакс и директниот договор со „Фајзер” треба да пристигнат (2x) по 800.000 вакцини, а потоа и 200.000 руски вакцини, 100.000 преку системот на солидарност на ЕУ, како и уште 500.000 од кинеската „Синовак” во текот на мај.
Со пристигнување на најголемата пратка од 200 илјади кинески вакцини на 28 април ќе се забрза динамиката на вакцинацијата и ќе се опфати и поголема група на граѓани, додаде Филипче.
Според министерот, состојбата во болниците е стабилна, нема голем и неконтролиран наплив на пациенти во целата земја и има доволен број слободни болнички кревети.