Македонија доби нова Влада

Реформи на тајните служби, на судството, на даноците…
Со 62 гласа „за” и 44 гласа „против”, како и петмина воздржани македонското Собрание ја изгласа новата Влада. Премиерот Зоран Заев во претставувањето на владината програма даде голем број ветувања за реформи во македонското општество. Пред пратениците истакна дека ќе работат на економски напредок на државата и истакна дека ќе се трудат да развијат конструктивна соработка со опозицијата.
Во владиниот кабинет на Заев како ресорни министри учествуваат: Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Билен Саљији, Никола Димитров, Драган Тевдовски, Крешник Бектеши, Љупчо Николовски, Арбен Таравари, Рената Тренеска Дескоска, Мила Царовска, Сухејл Фазлиу, Роберт Алаѓозовски, Дамјан Манчевски, Горан Сугарески, Садула Дураку.
Вицепремиери односно министри без ресор се: Кочо Анѓушев, Бујар Османи, Роберт Поповски, Едмонд Адеми, Хазби Лика, Аднан Ќахил, Самка Ибраимовски, Рамиз Мерко, Зорица Апостолска, Зоран Шапуриќ.
– Мојата Влада има ист број членови колку што имаше и претходната на ВМРО-ДМНЕ. Требаше да биде помала, ама во вакви услови на коалицирање и партнери тоа не испадна така, рече премиерот Заев.
Тој најави реформи на тајните служби, на медиумскиот простор, на судството, за доброто на сите граѓани во земјата. Нагласи дека ќе работи на, како што рече, враќање на животот во Македонија, а притоа рече и дека ќе соработува со опозицијата.
– На сите граѓани им ја честитам новата реформска влада. Имаме задача да го вратиме животот во Македонија. Убеден сум дека сите заедно ќе соработуваме за тоа што е во интерес на сите граѓани. Новата влада очекуваме да има поддршка од опозицијата, за подобрување на квалитетот за живот во Македонија. Ако некогаш во Собранието нема доволно пратеници од владејачката коалиција, сметам на присуство на пратеници од опозицијата. Ќе помагате, како што ветувате – рече Заев.

Заев влезе во владиниот кабинет, ќе проверува дали „ѕидовите имаат уши”
Зоран Заев ги направи првите премиерски чекори во владината зграда. Во ходниците по кои една деценија одеше Никола Груевски, година дена по него и Емил Димитрев, сега ќе чекори лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Новинарските екипи за првпат имаа можност да ја снимат внатрешноста на Владината зграда, нешто што во минатите години не беше случај.
Во еден од ходниците има ѕид кој е резервиран за портрети на сите досегашни премиери од осамостојувањето. Тука се Никола Кљусев, Владо Бучковски, Хари Костов, Груевски, Димитриев, а не е изоставен ниту портретот на Бранко Црвенковски.
Примопредавањето на функцијата се оддржа во кабинетот на претседателот на Владата, просторија на која Заев вети дека безбедносните служби ќе и направат целосна проверка дали во неа има поставено систем за прислушување и тајно снимање.
– Не би требало да има такво нешто во просторијата во која се одржуваат доверливи средби. Ама, во минатото се покажа дека се е можно, рече Заев алудирајќи на снимката што беше искористена за аферата “Пуч”.
Освен примопредавањето на премиерската функција, во Владата се одржаа уште две вакви церемонии: примопредавање на вицепремиерските позиции за економија и спроведување на Охридскиот договор – Кочо Анѓушев ја наследи фотелјата на Владимир Пешевски, додека Хазби Лика на Фестим Халили.

Останати вести