Новата Влада прво ќе го распушти сегашното судство, па ќе се бира ново?

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, е убеден дека до крајот на овој месец Македонија ќе има нова влада под негово водство. Тој во интервју за Радио Слободна Европа уше најави распуштање и реизбор на судии.

– Паралелно, веднаш ќе мора да ги отвориме процесите за независноста во судството. Ние докажавме дека нема правна држава во Македонија. Ветивме и чиста ни е состојбата за ова прашање – распуштање на судството и негов реизбор – вели Заев во ова интервју.
Заев тврди дека тој потег ќе биде заради отстранување на политичките влијанија во судството.
– Политичарите ќе ги тргнат своите раце и влијанија за да се постават експерти, како што е судската практика во сите европски земји. Така граѓаните ќе знаат дека ќе има правда што ќе биде еднаква за сите. Правото и правната држава мора да бидат императив ако сакаме полноправно членство во ЕУ и во НАТО – вели Заев.
Тој во интервјуто додава дека ќе одат и кон донесување закон за медиумите, потег што исто така е дискутабилен зашто отвора пат за цензура на слободата на говорот.
– Тука е укинувањето и на радиодифузната такса, укинување на екстерното тестирање, враќањето на евтината тарифа, веднаш донесување закон за медиумите… одредени социјални мерки што ги ветивме се возможни без какви било промени на буџетот веднаш како законски решенија – истакна Заев.
Меѓу првите законски измени кои ќе ги донесат е измена и на Изборниот законик. Оваа законска измена е во насока на организирање на локалните избори во земјата, со оглед дека роковите веќе истекоа, а мандатот на градоначалниците е до 15 мај, по што постои опасност за целосна блокада во работењето на општините.
– Многу вакви решенија се веќе подготвени и јас верувам дека на крајот на мај, почетокот на јуни ќе бидат донесени и секако едно решение што мора да го донесеме во парламентот е промена на Изборниот законик поради одложувањето на локалните избори, верувам за наесен, но тоа го планираме во согласност со сите парламентарни партии – вели Заев во интервјуто за Радио Слободна Европа.
ШТО СО СЈО?
На прашањето дали ако се „департизира судството, ќе има потреба од СЈО”, Заев одговара дека СЈО е формирано со консензус на сите партии и сите пратеници во парламентот и тоа има своја намена и потреба за функционирање, опстојување и завршување за тоа што е формирано.
– Јас сум убеден и сакам тоа да си ја заврши работата за која е формирано. Што значи да истражи се што е поврзано и што произлегува од незаконското прислушување. Ако има докази, да процесира истраги и обвиненија, ако нема, истрагите завршуваат тука. Тоа е тоа што го очекувам. Истовремено паралелно веднаш ќе мора да ги отвориме процесите за независноста во судството. Ние докажавме дека нема правна држава во Македонија. Ветивме и чиста ни е состојбата за ова прашање – распуштање на судството и негов реизбор.

Останати вести