Откриени нови детали од масовното убиство во Осмингтон

Мајка и четири деца се идентификувани како жртви на пукањето на руралниот имот во местото Осмингтон во близина на градот Маргарет Ривер во Западна Австралија.

Катрина Мајлс и нејзините деца Таи, Рајлан, Ари и Кадин на возраст од 8 до 13 години, биле пронајдени мртви заедно со уште две лица, за кои се претпоставува дека се нејзините родители Синда и Питер Мајлс. Сите биле убиени со огнено оружје, а полицијата случајот сега го третира како убиство и самоубиство. Станува збор за најмасовното убиство во Австралија уште од масакрот во Порт Артур во 1998. година.
Како што пишува „Guardian”, Катрина со децата се преселила на имотот кој е во сопственост на нејзините родители Синда и Питер Мајлс пред околу три години. Пред еден месец Катрина Мајлс на Фејсбук објавила пост во кој го навела следното: „Мојот поранешен партнер не престанува да ме следи”. Како што пренесува „Daily Mail”, ќерката и тројцата синови на Катрина пателе од аутизам. Една пријателка на Катрина Мајлс за весникот „The Australian” изјавила дека Катрина „неуморно работела за да им обезбеди на своите деца се што им е потребно”.
„Секогаш се восхитував на нејзината сила. Децата и беа многу љубезни, нежни, паметни и прекрасни”, рекла таа. Нејзината мајка Синда е активна членка на локалната заедница „Transition Margaret River”, која се бори за заштита на животната средина.
Полицијата навела дека пронашла тела на седум лица со прострелни рани. Полицискиот комесар на државата Западна Австралија, Крис Досон, изјавил дека жртвите се тројца возрасни и четири деца, како и дека на истиот имот биле пронајдени и две парчиња огнено оружје. Некои од жителите рекле дека слушнале пукање во четири часот наутро, но дека мислеле дека станува збор за лов.
„На основа на тоа што го знаеме, ова е очигледна трагедија… Полицијата пронајде тела на седум лица. Четири деца и три возрасни лица”, рекол комесарот.
Комесарот Досон рекол дека еден маж поврзан со имотот повикал полиција во 5:15 часот наутро. Претседателката на округот, Памела Таусенд, рекла дека целата заедница е во шок.
„Ова не потресе сите. Нашата заедница е место каде секој секого познава. Луѓето се многу поврзани. Осмигнтон е многу мал”, рекла таа.
Според нејзините зборови, во заедницата расте страв од насилства и посебно напади со огнено оружје.

Останати вести