Дознаваме дека новите икони што се правеа во Македонија, за иконостасот во Св. Петка во Рокдаел, се пристигнати и наскоро ќе започне нивното вградување.
Старите икони со сета почит ќе бидат пренесени во катчето што ќе биде музеј во црковната општина. Иницијативата потекната од времето кога служеше во оваа црква игумен Гаврил сега целосно ќе се исполни.
Иконите се цртани од возобновената македонска иконописна школа која ги следи правилата од старата охридска иконописна школа од средновековието со својот најголем процвет во XIV-XV век. Тие доаѓаат од струмичката епархија од манастирот Пресвета Богородица Елеуса во село Вељуса. Изработени според древните канони, иконите и денес се создаваат на истиот начин како и пред повеќе од десет века.
Иконописот во монашките атељеа на Струмичката Епархија го задржува методот на јајчена темпера, кој користи пигменти со природно потекло. Соодветно на техниката, за изведбата на иконата се користи квалитетно дрво, најчесто: орев, липа, даб, јасен, костен, цреша. Иконите се со двојна позлата од 24-каратно злато.
Во изминативе години црковната општина “Св. Петка” во Рокдаел постигнува значајни успеси и полека но сигурно станува повторно центар на заедницата во Сиднеј.
Иконите се изработени во манастирот Воведение на Пресвета Богородица Елеуса
На седум километри од Струмица, во селото Велјуса, се наоѓа манастирот Воведение на Пресвета Богородица Елеуса.
Манастирот во Велјуса постои од 1080 година кога Тивериополскиот епискот Мануил подигнал црква која што и ја посветил на Богородица, поточно на нејзиното Воведение во храмот. Сепак манастирот за свој празник го има 21 септември, односно денот на Рожденството на Пресвета Богородица.
Монашкиот живот во манастирот заживеа повторно во 1995 година кога за струмички митрополит беше востоличен Владиката Наум. Од 1996 година манастирот Воведение на Превета Богородица Елеуса е женски манастир. Во манастирот е возобновена старата македонска иконописна школа која освен икони изработува и фрески.



