СЈО на фејсбук објави нови истраги, за ВМРО-ДПМНЕ нарачка на СДСМ и дефокусирање од „Пуч“

Спиро Ристовски, член на ИК на ВМРО ДПМНЕ ги коментираше новите истраги на Специјалното обвинителство. Тој вели и новите истраги на СЈО се во насока на заштита на криминалот на Зоран Заев и политичко оцрнување на ВМРО-ДПМНЕ.

Тие имаат за цел да се дефокусира јавноста од одлуката за повлекување на обвинението во случајот „Пуч”.
„Единствената причина заради која што Катица Јанева ја донесе одлуката за повлекување од предметот „Пуч” е да ги заштити обвинетите за криминал, но и нарачателите. Единствената причина заради која што Катица Јанева се повлекува од предметот „Пуч” е за да го покрие чадорот и неговите истурени играчи на терен, верувајќи во неговата бескрајна моќ да ја заштити и неа и нив во иднина. Зоран Заев повторно беше фатен во криминал, а Катица Јанева наместо да го гони се стави во негова заштита”, вели Спиро Ристовски член на ИК на ВМРО ДПМНЕ .
Специјалното обвинителство преку соопштение информираше за две нови истраги „Тарифа” и „Тенк” поврзани со тендер за набавка на софтвер во ЕЛЕМ и на набавка на специјален тип на возило во Министерството за внатрешни работи. Осомничените во „Тарифа” се товарат дека на конзорциум што се пријавил на тендер за набавка на софтвер му овозможиле да мине во втората фаза иако не ги исполнувал условите. Покрај ова, обвинителството тврди дека доказите укажуваат дека откако бил избран конзорциумот и му биле исплатени 3,7 милиони евра значителен дел од набавениот систем не е имплементиран.
Јанкулоска: „тенк” е измислена истрага без аргументи
Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, која е првоосомничена во најновиот случај на СЈО – „Тенк”, преку „Фејсбук” се огласи со реакција. Таа вели дека истрагата за набавката на луксузниот „мерцедес” на експремиерот Никола Груевски е измислена истрага без аргументи.
„Соочени со се погласните критики за нивното партиско дејствување, денес од СЈО, заради исполнување желби и нарачки од СДСМ, се обидоа да го свртат вниманието со отворање измислени истраги без никакви аргументи. Како по правило, партиските гласила на СДСМ финансирани од СОРОС оркестрирано, во хор се ставија во функција на мегафони, кои не почувствуваа потреба да побараат став од никого од посочените личности и институции. СЈО може да отворат уште милион измислени истраги што се производ на конструкции, без никакви докази и аргументи. Но, тоа нема да ги направи вистина нивните лаги и нема да ја покрие нивната партиска подреденост кон СДСМ, ниту ќе го компензира недостигот од професионален капацитет, морален кредибилитет и крајно проблематичен интегритет на Катица Јанева и нејзиниот партиски тим во СЈО”, напиша Јанкулоска на својот фејсбук-профил.
Според истрагата на СЈО, дејствата за набавка на „мерцедесот” вреден 572.000 евра, се случувале од февруари до октомври 2012 година. Јанкулоска, заедно со уште едно лице вработено во МВР, наместиле тендер така што фаворизирале определена фирма за да можат од неа да го купат автомобилот.

Останати вести