Почетокот на теренскиот дел на проектот „Археолошки катастар” и неочекуваните археолошки откритија кои го проследија се прво од петте најзначајни достигнувања во археологијата и заштитата на културното наследство во земјава во минатата година, според археологот Виктор Лилчиќ, директор на Управата за заштита на културното наследство.
Меѓу најзначајните случувања во таа област во минатата година, Лилчиќ ги издвојува и претставувањето на Македонија на двата светски саема на археологијата во Пестум и Париз, истражувањата и проектот за реконструкција на театарот во Скупи, истражувањата и отворањето музеи на скопското Kале и реконструкциите на манастирот Зрзе и Светиклиментовиот универзитет на Плаошник.
Археолозите изненадени од откритијата
Не очекувавме дека ќе откриеме толку нови локалитети – градови и тврдини, многубројни македонски воени позиции, вели Лилчиќ за теренската фаза на проектот „Археолошки катастар”, кој го спроведува Археолошкиот музеј на Македонија. Со проектот треба на дигитална карта да се впишат сите археолошки локалитети во Македонија, но и целокупното културно наследство, а системот ќе биде поврзан со веќе постојниот глобален информациски систем (ГИС) на Kатастарот. – Успеавме да изведеме силен теренски дел, да документираме 30-ина стари градови и тврдини, од кои неколку во рамките на одбранбените ѕидини се поголеми од еден хектар. Не очекувавме вакви откритија, се истражувало цел 20 век, веќе петнаесет години од 21 век, а дури сега откриваме градови, тврдини, многубројни воени позиции – вели директорот на Управата за заштита на културното наследство. Тоа, според Лилчиќ, е и најголемото достигнување во археологијата и заштитата на културното наследство минатата година. Следно, според археологот, е претставувањето на македонското културно наследство на двата саема во Пестум, Италија и во Париз. – Излеговме со монографии на англиски јазик за културното наследство во Македонија, за археолошки и култни споменици, цркви и споменици од отоманскиот период. Десетте монографии во Париз имаа изненадувачки добар прием – вели Лилчиќ. Првите десет монографии за културното наследство кои беа објавени непосредно пред претставувањето на Македонија на светските саеми се први од едицијата од 130 такви публикации, од кои се очекува дваесетина да бидат објавени годинава.
Реконструкцијата на театарот во Скупи огромен успех
Меѓу петте најважни достигнувања, според Лилчиќ, се и капиталните проекти за истражување и реконструкција на Скупи, особено на римскиот театар. – Сега тече конзервацијата, а ќе биде огромен успех да се реконструира театронот, седиштата на театарот. Следната фаза е реконструкција на сценската зграда, која била двокатна, но во средниот век била разурната, а каменот секундарно употребен на скопското Kале во 10 и 11 век – вели Лилчиќ Следуваат реконструкциите на манастирот во Зрзе, комплексот на Светиклиментовиот универзитет на охридски Плаошник и скопската тврдина Kале. – На Kале лани успеавме да ги завршиме Музејот на предисторијата и Музејот на отоманскиот период, останува уште Музејот на средниот век, а годинава ќе извршиме и археолошки истражувања на местото на кое е ресторанот – вели Лилчиќ.
(“Дневник”)


Со истражувања во Долината на кралевите ќе ги спречиме дивите копачи
– Годинава ќе продолжиме со интензивни археолошки истражувања на Долината на кралевите по течението на Брегалница. Тука има илјадници гробови, годинава ќе почнеме со истражувања од јужната страна. Таму диви копачи со децении работеле, но, за среќа, успеале да копаат само на мал процент од територијата. Со присуството на археолози на теренот ќе ги спречиме нивните понатамошни активности, кои и онака се намалени по полициските акции против нив – вели Лилчиќ.