Нови моменти во судскиот процес “Ликвидација“

На обвинетите четири месеци им се судело без да ги знаат доказите

Без присуство на јавноста во судницата беа презентирани таканаречените ПИМ-мерки, односно видеоматеријали направени од полицијата, која подолг период ги следела обвинетите, а на снимките го нема новинарот Кежаровски, бидејќи доказите не се однесуваат на него.

Во кривичниот суд во Скопје продолжи судскиот процес против судии, адвокати, обвинител и новинарот Томислав Кежаровски, кои се обвинети за примање поткуп, злоупотреба на службената положба и овластување, неовластено одавање информации и податоци за сведоците, соработниците на правдата, жртвите што се јавуваат во својство на сведоци и нивните блиски лица и противзаконско посредување. Се гледаа снимки на кои полицијата ги снимила обвинетите како комуницираат меѓу себе. На снимките го нема новинарот Кежаровски, бидејќи доказите не се однесуваат на него, туку на дел од другите обвинети и на сосема други околности.

СВЕДОКОТ САКАЛ ДА СЕ ЗНАЕ КОЈ Е

Пред да се гледаат видеата од полицијата некои обвинети беа повторно сослушани и кажаа детали за испрашувањето и исказот на заштитениот сведок од случајот „Ореше”. Истражниот судија што сега е обвинет и обвинителот што исто така е дел од обвинението меѓу себе си поставуваа прашања и даваа одговори. Судијата праша дали се сеќава на испрашувањето на заштитениот сведок и дали може да појасни што му било предочено.
– Кога се сослушуваше сведокот, истражниот судија Зафиров му кажа на Бреза дека со исказот што го дава и податоците за него, како и деталите што ги кажува за убиството во Ореше, иако е заштитен, си го открива идентитетот. Но сведокот Бреза беше упорен и бараше така како што ќе каже да биде внесено во записникот. Првите две судења тој наизуст ја повтори изјавата, но на третото го смени целосно исказот и кажа дека бил принуден од полицијата да зборува невистини и да сведочи како да знае што се случило во Ореше – појаснуваше обвинетиот обвинител.
На минатонеделното рочиште, без присуство на јавноста во судницата, беа презентирани таканаречените ПИМ-мерки, односно видеоматеријали направени од полицијата, која подолг период ги следела обвинетите. На снимките се гледаат некои од нив како се среќаваат и комуницираат, но видеоматеријалот нема тон и не се знае што зборуваат.

НОВИ ДОКАЗИ СРЕДЕ СУДЕЊЕ

На ваквите снимки реагираа адвокатите, кои тврдат дека се направени незаконски и се со многу лош квалитет.
– Во судница гледаме снимки на кои ништо не се гледа и начинот на кои биле следени обвинетите е спротивен на Законот за кривична постапка – изјави адвокатот Јован Јоанидис.
Пред да ги гледаат снимките, обвинетиот Валентин Зафиров и неговиот адвокат Љубомир Михајловски-Џанго жестоко реагираа оти дел докази ги виделе само пред пет дена.
– Гром од ведро небо беше кога слушнав дека ќе одговарам и за посредување за предмет за еден познат велешанец и дека за тоа имало видеоснимки и транскрипти што ги видов минатата недела – реагираше обвинетиот Зафиров и побара судијата да го врати судењето во фаза на испрашување за да ги објасни околностите поради кои е обвинет. Реагираше и адвокатот.
– Значи од досегашната постапка може да кажеме дека сте почнале да судите без докази. Не се презентирани сите докази и обвинетите не знаат ниту можат да се подготват за одбрана доколку се кријат докази – рече адвокатот Михајловски.
Потоа Зафиров појасни дека навистина се интересирал за некои предмети во судот, но во период кога бил пред заминување од судиската работа и се подготвувал да стане адвокат.
– Се интересирав кај една обвинителка, која сега нема храброст да дојде да се соочиме во судница. Неа не сакам да ја видам како човек уште од времето кога бев судија. Ја прашав за некои предмети за да знам колку пари да барам за одбрана оти за некој месец заминував од судот – зборуваше пред судот Зафиров.
Судијата одлучи да го прекине судењето и следното за кога ќе треба да се доприкажат доказите, меѓу кои и еден снимен телефонски разговор, како и транскрипти од пораки и зборување на мобилни телефони. Полицијата снимила и документирала речиси два часа видео и аудиоматеријали. Потоа се очекува процесот да заврши. Притворите за обвинетите остануваат, иако сите имаат понудено гаранции за замена на притворот со друга мерка или бранење од слобода. Судењето продолжува. (“Нова Македонија”)

И натаму се суди за дело што не постои

Повеќепати адвокатот Александар Тортевски реагираше дека делото противзаконско посредување, кое е напишано во обвинителниот акт и им се става на товар на обвинетите, не постои во Кривичниот законик.
– Делото е преименувано во примање награда за противзаконско влијание и недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материјали – појасни неколкупати адвокатот, но судот овој факт не го зеде предвид. Обвинителката Лиле Стефанова не одговори на ваквите опомени и не го прецизира обвинителниот акт.
Во обвинението се споменуваат повеќе судски предмети со кои обвинетите на различен начин кореспондираат, а меѓу нив и крајно контроверзниот случај „Ореше”, кој и по повеќе години сѐ уште нема конечна разврска.

Останати вести