Фудбалскиот клуб Вардар доби нови современи простории и тренинг-центар, откако објектите свечено беа пуштени во употреба во саботата во Скопје.
Комплексот е реализиран според моделот на јавно-приватно партнерство и е со вредност од околу шест милиони долари.
Фудбалерите од првиот тим на Вардар добија современ тренинг-комплекс, по примерот на најголемите клубови во Европа во чии рамки се две тренинг игралишта, од кои едното со вештачка, а другото со природна трева и најсовремен дренажен систем, зграда со простории за дневен престој на играчите и соба за анализа на противниците.
Комплексот официјално го отвори претседателот на Владата Никола Груевски.
– Вардар е најголемиот фудбалски бренд на Македонија и овој тренинг-центар ќе служи за развој на македонскиот фудбал. Со ваков современ тренинг-центар, каков што немаат голем број екипи на Балканот, верувам дека Вардар ќе има реални шанси во догледна иднина да обезбеди пласман во Лигата на шампионите, а тоа секако ќе има позитивен ефект и за репрезентацијата на Македонија – рече, меѓудругото, Груевски.
Генералниот директор на Вардар, Самоил Симев рече дека уште при самото превземање на клубот од страна на Сергеј Самсоненко, Вардар ја најави реализацијата на овој проект.
– Основната цел со изградбата на објектот е да се обезбедат сите услови за професионално одвивање на тренажниот процес на првиот тим на Вардар. Горд сум што успеавме да го изградиме тренинг центарот во рекордно време – изјави Симев.