„Фокус“: Ќе стане ли Кичеец новиот Нинџа?

Кој ќе се извлече, а кој ќе го изеде стапот за сите?
Според македонскиот Закон за кривична постапка, на суд се важи само она што обвинетиот или сведокот ќе го каже во судница, а не она што го сведочел за време на истрагата.

Бидејќи обвинителката Рускоска го крие исказот на Кичеец (исто како и оној на Александар Василевски-Нинџа за 27 април – “Крвавиот чеврток”), во јавноста веќе се шпекулира дека и овој осомничен е спремен за соработка.
Адвокатот на Катица Јанева, Дељо Кадиев, потсетува дека обвинителката Рускоска ваквата пракса ја имала и за случајот “27 април”, каде што беше застапник на обвинението. И тогаш од адвокатите на останатите осомничени го сокрила записникот на осомничениот Нинџа, поради што во судница неговото сведочење беше доживеано како голем шок.
Тој се сметаше за соработник на Обвинителството, бидејќи со својот исказ го поткрепи обвинението, односно во детали раскажа како се организирал упадот во Собранието. Како “награда”, од предвидени најмалку 10 години затвор, Нинџа доби најниска затворска казна од останатите осомничени, под законскиот минимум, односно беше осуден на 8 години.
Адвокатите и тогаш реагираа дека има нееднаквост на оружјата, ама нивните забелешки не ги есапеше ниту Обвинителството, ниту судот.
Ќе шокира ли Кичеец во судница?
Кичеец досега два пати беше повикан да даде исказ. Првиот пат, иако се задржал три часа, се бранел со молчење, но по неколку дена се вратил уште еднаш и прозборел. Набргу потоа, пак, беше пуштен во домашен притвор.
И тогаш почнаа да се плетат шпекулации дека наводно Кичеец решил да соработува со обвинителството. Неговиот адвокат Александар Новаковски за појаснува дека неговиот клиент е осомничен и не направил никаква спогодба со Обвинителството. Сепак, вели дека е можно да се очекуваат изненадувања од осомничените во судница.
– Немаме направено спогодба со Обенителството. Нишу ни била понудена, нити, пак, сме барале. Сепак, на главната расорава, доколку дојде до судење, може дa се очекуваат изненадувања. Тогаш осомнчените ќе се изјаснуваат за вина, и можеби некој oд нив ќе признае. Ние засега не размислуваме во таа насока, вели адвокатот Новаковски.
Кичеец инаку низ годините важи за близок соработник на Орце Камчев, поради што и тешко го прифатил предавството од страна на бизнисменот. Наводно дел од првите 500 илјади евра што Ана Камчева му ги исплатила на Боки 13 биле дадени токму од Кичеец.
Сега се шпекулира дека од овој осомничен може да се очекува и признание на вина, бидејќи на тој начин би можел да издејствува дури и условна казна. Поточно, Кичеец се гони за кривичното дело “примање награда за противзаконито влијание” според член 359 став 7, за што му се заканува затворска казна од 1 до 10 години. Во случај да признае вина, од доказите ќе се повлечат сите оние кои се против него, а ќе се разгледува само висината на казната. Во таков случај не се исклучува можноста да добие дури и условна казна, доколку предвид се земат сите олеснителни околности, односно ако биде осуден на 2 години, казната може да му се услови за 4 години. (Според македонското законодавство само затворска казна до 2 години може да се преименува во условна; се што е повеќе е автоматски – затвор)
Фрчкоска: постои законска можност за признание, но не размислуваме во таа насока
Катица Јанева е осомничена за кривичното дело “злоупотреба на службената положба и овластување”, за што и се заканува казна од најмалку три години затвор.
Доколку Јанева реши да соработува со Обвинителството или да признае вина, судот може да и одреди затворска казна и под законскиот минимум, па доколку добие две години, да се условат за 4 години условен затвор.
Поранешната шефица на СЈО, Јанева, засега не размислува за признание на вина. Нејзината адвокатка Ирена Фрчкоска (вториот бранител покрај Дељо Кадиев) вели дека допрва ќе ја договорат стратегијата за одбрана.
– Јанева нема дадено исказ. Досега вршевме увид во доказите на Обвинителството. Постои законска можност за признание на вина, но досега не сме размислувале во таа насока, изјави Фрчкоска.
Едно од очекуваните сценарија е Јанева да ја насочи сета вина кон Боки 13 и да посочи дека била злоупотребена од него, како што впрочем и се бранеше пред јавноста пред да биде уапсена.
Нема да изненади и доколку во судница таа и понатаму се држи до оправдувањето дека комуницирала со Камчев преку посредникот Боки 13 бидејќи сакала да го врбува бизнисменот за сведок во истрагата за “Империја”. Сепак, оваа одбрана е тенка, бидејќи Камчев заедно со екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков, се првоосомничени, па затоа е невозможно едниот од нив да го смени статусот во сведок. Тоа се случува, но кога некој од последно осомничените сведочи против првите во пирамидата, за нели, да се фатат големите ѕверки.
Просторот за признание се стеснува кога е во прашање осомничениот Боки 13, бидејќи во неговиот случај нема многу да му помогне. 3а разлика од останатите двајца осомничени, Јовановски се гони за две кривични дела: “примање награда за противзаконито влијание”, за што е предвидена затворска казна од 1 до 10 години, и за “перење пари и други приноси од казниво дело”, за што исто така е предвидена затворска казна од 1 до 10 години.
Уште еден бизнисмен пријавил рекет од 2 милиона евра
Засега останува нејасно зошто обвинителката Русковска ја затвори истрагата, фокусирајќи се само на случајот “Империја” и на бизнисменот Камчев. Како што неофицијално беше објавено во јавноста, уште еден бизнисмен пријавил дека му биле барани дури 2 милиони евра за да запре кривичниот прогон. Сепак, ваков случај потешко се докажува, бидејќи станува збор за обид, односно парите никогаш не биле дадени.
Сепак, како што неофицијално се дознава, Рускоска не крева раце и од овие сведочења, но поради роковите што течат за притворите решила да подготви обвинение за делот за кој е уверена дека има цврсти докази в рака. Останатите продолжува да ги истражува и за подоцна не се исклучува можноста да се припојат во еден судски предмет.
Ќе се појави ли Kамчев во судница или ќе се засолни во Бугарија?
Во судница како главен сведок, пак, се очекува да се појави бизнисменот Камчев, кој пријави дека во два наврата му дал вкупно1.5 милион евра на Боки 13, а за возврат требало да издејствуваат да запре кривичниот прогон против него за случајот “Империја”. Тој обезбеди и видео и аудиоснимки, од кои мал дел виде и јавноста. Овие снимки се во траење од 2 часа и триесетина минути, а осомничените и нивните адвокати неодамна направија увид во нив. Адвокатите веднаш најавија дека ќе ги оспоруваат снимките, бидејќи се обезбедени незаконски, односно без налог, а од судечкиот совет ќе зависи дали ќе бидат прифатени како доказ.
Од стартот на обелоденувањето на аферата “Рекет”, во јавноста, но и онаа стручната, се појави дилемата дали Камчев треба да ја задржи улогата на сведок, која му ја одреди обвинителката Рускоска или треба да стане осомничен.
Дилемата произлегува од фактот што, како за примање, исто така се одговара и за давање поткуп, но, сепак, постои законска можност давателот да се спаси од прогон. Она што е неспорно е дека Камчев случајот го пријавил на време, односно пред да биде откриен, уште на 2 мај, поради и што Обвинителството му дава статус на сведок.
Но, она што треба обвинителката Рускоска со сигурност да го утврди, е дали парите му биле побарани, или, пак, самиот ги понудил!
За сега Обвинителството му верува на исказот на сведокот Камчев, во кој изјавил дека милионските сум и му биле побарани, а не понудени од негова страна.
Во еден момент се создава дури и впечатокот дека бизнисменот можеби ги “мести” осомничените, бидејќи, освен што ги снима, што може да биде и за негова сигурност, вториот дел од исппатата – 1 милион евра им ги предава на спорен датум, односно 20 февруари. Зошто мотивите на Камчев се сомнителни? На 30 јануари Врховниот суд носи начелно правно мислење според кое се запираат сите истраги на СЈО, покренати или преземени по 30 јуни 2016 година. Или во превод, дури 20 дена пред исплатата нему, или барем на неговите адвокати им било јасно дека истрагата за “Империја” е стопирана, па можел барем да го почека натамошниот развој односно последиците што ќе ги произведе мислењето на Врховниот суд. Или, сепак, можеби сакал да се осигури дека засекогаш ќе се спаси од случајот, па сакал да го одигра сценариото докрај.
Како и да е, кон април веќе се премислува, па најпрвин пријавува кај премиерот Зоран Заев, а потоа и во Обвинителството.
Покрај спорниот датум, тука има и еден психолошки момент, бидејќи парите ги предава видно расположен, оставајќи впечаток дека прави одлична бизнис-зделка, а не дека останува зијан за еден милион евра, а згора на се “изнудувачите” ги чести со брендирана торба, која чини неколку илјади евра. Демек, се да биде на ниво.
Бидејќи наводно и Камчев не бил на чисто дали до крај ќе ја задржи улогата на сведок, се шпекулираше дека планира бегство во Бугарија, поради што се повлекува од бизнисите што ги има во Македонија. Времениот македонски пасош му истекува во ноември, а бугарскиот му е во скопскиот Кривичен суд (освен ако не набавил нов).
Според податоците од Централниот регистар, Камчев на 17 мај годинава се повлекол од раководната функција во приватната здравствена установа “Аџибадем Систина”. Само три недели претходно, во Централниот регистар биле заведени и измени во сопственичката структура, односно во фирмата “Орка холдинг”, која се јавува како еден од сопствениците на болницата, станува малцински партнер. Претходно Камчев се повлече и од раководните позиции во “Орка холдинг”. Тој се повлекол од директорското место и од позицијата извршен член во одборот директори, а останува единствено неизвршен член на одборот. Во меѓувреме, името на Камчев го нема ни во управувачкиот одбор на ЗК “Пелагонија”.
Набргу сите карти ќе се откријат во судница. Тогаш ќе се види и стратегијата на обвинителката Рускоска, но и на осомничените. Кој ќе се извлече, а кој ќе го изеде стапот за сите.

(“Фокус”)

Останати вести