Нападите врз жени во Келн и Хамбург за време на новогодишната прослава не биле изолиран инцидент само во Германија. Слични напади се регистрирани и во Финска, Австрија и Швајцарија, а сценариото било многу слично, пишува Дојче веле.
Полицијата во повеќе европски градови информира дека добиле голем број пријави за инциденти во кои најчесто жени биле напаѓани, ограбени или сексуално малтретирани од групи мажи кои имале арапско и африканско потекло.
Полицијата во Келн прими повеќе од 120 пријави од лица кои биле нападнати, малтретирани и ограбени за време на новогодишната ноќ во центарот на градот. Случајот отвори голема дебата во Германија околу одговорноста на полицијата, однесувањето на луѓето за време на прославата, но и за интеграцијата на мигрантите.
Келнската полиција соопшти дека од вкупно 29 осомничени напаѓачи кои биле испрашувани за инцидентите на новогодишната ноќ, 18 биле баратели на азил. Досега се уапсени две лица, на чии мобилни телефони биле пронајдени и видео-снимки и фотографии од нападите.