НОЖ В ГРБ: Хрватската влада прогласи “неутралност“ – ќе чека да се реши прашањето дали постои македонскиот јазик!?

Премиерот Андреј Пленковиќ сака мирно да спие, нема намера да се кара со Бугарија заради Македонците

Додека чекаат да го решиме нашето прашање за јазикот со Бугарите, да прашаме: а како Хрватите го решија прашањето за “српско-хрватскиот јазик”?

Пратеникот во хрватскиот Сабор, Бојан Главашевиќ, досега во неколку наврати го покренува прашањето Хрватска, како членка на Европската унија, да и даде отворена поддршка на Македонија во спорот со Бугарија. Но од страна на Владата на премиерот Андреј Пленковиќ (ХДЗ) не само што не доаѓа таа поддршка туку напротив – се чини дека официјален Загреб гледа да ја избегне раката подадена за помош и се престројува зад Софија!? Навлечени се белите ракавици на ЕУ и прогласена е состојба на “службеност”.
Како да е избришано од свеста (и совеста) дека Македонците и Хрватите долго време живееја во иста држава, дека имаат длабоки врски. Хрватската држава признава 22 малцинства, меѓу кои се и македонското (со нешто над 4.000 лица) а и бугарското (со околу 350 лица) така што поделбата и “препознавањето” кој е што се веќе одамна направени.
Или, пак, не?!
На пратеничкото прашање што Главашевиќ го упатил до премиерот Пленковиќ “дали хрватската Влада ќе даде недвосмислена поддршка за пристапниот процес за Македонија и ќе побара прекин на бугарското вето” – одговорот стигнал дури два месеца подоцна. Освен што таму стои дека “билатералниот спор помеѓу Северна Македонија и Бугарија мора да се решава исклучиво по пат на билатерални преговори”, има нешто друго што веднаш ни ги поткрева веѓите. Имено, стои дека Хрватска се залага за решавање на “нерешеното прашање за јазикот”!?
“Хрватска силно се залагаше за потпишување на статусниот договор помеѓу Северна Македонија и Европската Унија во поглед на соработката со ФРОНТЕКС и управувањето со границите и притоа укажавме на важноста од решавањето на прашањето за јазикот, како предуслов за предметниот договор. Затоа комунициравме со нашите колеги од ЕУ, како и со бугарските официјални лица, истакнувајќи ја важнoста oд соработката со земјите од југоисточна Европа во спречувањето на незаконските миграциски притисоци, истовремено укажувајќи на влијанието на нерешеното прашање на јазикот во јакнењето на соработката со Северна Македонија во ефективното управување со миграциите”…
Главашевиќ по ова повторно поставил пратеничко прашање, овојпат до министерот за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман.
Главашевиќ прашал: „Зошто хрватската Влада прашањето за македонскиот јазик го смета за ‹нерешено› и дали Владата е подготвена на Македонија да ѝ да даде недвосмислена поддршка за продолжувавње на пристапните преговори, како што тоа го сторија министрите за надворешни работи на Чешка и Словачка? И на каков начин пршањето за јазикот го смета за нерешено – дали лингвистички или политички?”.
Хрватскиот пратеник овие прашања до министерот ги објави и на Фејсбук и на Твитер, со обраќање до јавноста на два јазика – на хрватски и на македонски.
– Во меѓународната научна заедница, надвор од Бугарија, доминантен е ставот дека македонскиот јазик е засебен од бугарскиот и дека, како и другите јужнословенски јазици, е составен дел од јужнословенскиот јазичен континуитет. Со други зборови не постои лингвистичко оправдување за оспорување на македонскиот јазик.
Доколку ова прашање Владата на Хрватска го смета за политички нерешено, а не лингвистсички, тоа во одговорот детално да се образложи, но и да се каже како таквиот став во поглед на македонскиот јазик ќе се рефлектира на позициите кои Вие (министерот) и премиерот ќе ги застапувате на состаноците на кои тема ќе биде продолжувањето на пристапните преговори на Северна Македонија и бугарското вето.
Прашањето на македонскиот јазик е потполно јасно и е решено во меѓународните рамки и документи. На крајот на краиштата, кога Македонија го преведуваше Аcquis (Законодавството на ЕУ -н.з.) – го преведе на македонски и со тоа јазикот го стекна својот статус. Тоа треба да се почитува. Се надевам дека овојпат на одговор од министерот Радман нема да чекам со месеци, вели Главашевиќ.
Пријателските односи со Македонија се хрватски државен интерес, заклучува тој.

Пратеникот Главашевиќ е независен и е дел од саборскиот Клуб на зелено-левиот блок. Тој е дипломиран лингвист и социолог, често се залага за правата на Македонија, како во спорот со Бугарија, така и во поглед на неправедниот, како што вели, однос во рамки на ЕУ, како земја аспирант за членство. Тој често пати објавува статуси и на македонски јазик, кој го изучувал, како што вели, еден семестар

Останати вести