Апокалиптичното сценарио на „валкана бомба” во рацете на џихадистите на Исламска држава беше главната тема на меѓународниот Самит за нуклеарната безбедност што се одржа во Вашингтон под покровителство на американскиот претседател Барак Обама.
Обама пречека педесетина светски лидери на самитот на кој се расправаше за тоа како да се спречи најлошиот кошмар: нуклеарниот тероризам.
– Терористички напад со импровизирана нуклеарна направа би предизвикал политичка, економска, општествена, психолошка и еколошка катастрофа, без оглед на местото на нападот – кажа Обама непосредно пред одржувањето на самитот.
Западните лидери се сè поуплашени дека терористичките групи се поблиску од кога и да е со својата цел за добивање хемиска или нуклеарна бојна глава. На самитот, меѓу другото, шефовите на влади ќе ги тестираат и анализираат и своите реакции на замислен терористички нуклеарен напад.
Самитот се случува во најдраматичен момент, откако белгиските и меѓународните медиуми по исламистичките напади во Брисел информираа дека терористичката ќелија планирала да произведе „валкана бомба” и да нападне една од белгиските нуклеарки. Само два дена по бомбашкиот масакр во престолнината на ЕУ, Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) предупреди дека тероризмот се шири и дека не може да се исклучи можноста да се употребат нуклеарни материјали. Kоординаторот на ЕУ за борба против тероризмот, Жил де Kерков, предупреди во саботата дека во следните пет години би можел да следи кибернетички напад, т.е. преземање контрола врз нуклеарна централа преку интернет.
Според американските експерти, до крајот на 2014 во светот имало 1.370 тони високо збогатен ураниум, главно во Русија. Според истражување од 2015 година на Меѓународната комисија за финансиски материјали, во светот остануваат доволно плутониум и збогатен ураниум за производство на 200.000 бомби како онаа од Хирошима. Во својот историски говор во Прага во април 2009 година за „светот без нуклеарно оружје”, Обама предупреди дека ризикот од нуклеарен напад претставува најдиректна и најекстремна закана за светската безбедност.