Дошол денот на победа и за стотина австралиски староседелци кои биле изложени на екстремно ниво на радијација поради британските нуклеарни проби. Австралиската влада наложила да им се покријат трошоците за здравствена заштита.
Од 1952. до 1963. година, Велика Британија тестирала атомско оружје во Маралинга и Ему низините во Јужна Австралија и околу западноавстралиските острови Монте Бело, со дозвола на австралиската влада. Комбинираното оружје употребувано на Маралинга имало два пати поголема моќ од бомбите фрлени на Хирошима во Втората светска војна.
Активистите велат дека експериментот во кој Абороџините биле користени како „луѓе-заморчиња” е најголем срам во историјата на Австралија.
Тогашниот австралиски премиер Роберт Мензис дозволил британска нуклеарна проба без консултација со кабинетот, сметајќи дека Британија ќе ја заштити Австралија во „нуклеарниот свет”.
Многу староседелци биле принудени да ги напуштат подрачјата во кои живееле. Оние кои тоа го одбиле, биле изложени на тешко ниво на радијација, по што многу луѓе добиле тешко повреди и деформитети, останале неплодни, имале проблеми со белите дробови, оштетувања на кожата и рак.
Покрај тоа, здравствената документација покажала дека децата родени по нуклеарната проба имале тумори, развиена целебрална парализа, недостиг на коски и болести на срце.
По децении кампања, оние кои биле директно изложени на радијацијата ќе добијат „златна картичка” исто како воените ветерани, која им ги покрива трошоците за здравствено осигурување. Австралискиот министер за воени ветерани Ден Техан, вели дека „златната картичка” ќе им помогне на оние кои биле изложени на нуклеарни тестови.
„Во зависност од усвојување на законот, мерките ќе им обезбедат златни картички на домородците кои биле на Маралинга и Ему, на островите Монте Бело и во нивна близина за време на британските нуклеарни проби во текот на 50-тите и 60-тите години од минатиот век”, рекол министерот.
Оваа субвенција во здравствено осигурување од 98 милиони долари ќе се обезбеди од федералниот буџет на Австралија.
