Комплет спортска опрема наменета за прилепскиот второлигаш Победа веќе четири месеци стои на царина, бидејќи ниту клубот ниту општината не преземаат чекори за нејзино подигање.
Гоце Павлески, прилепчанец кој повеќе од две децении живее во Сиднеј, со желба да му помогне на финансиски загрозениот клуб организирал донаторска акција меѓу македонската дијаспора. Бидејќи собраните средства не биле доволно големи, тој одлучил да набави комплетна спортска опрема – наместо директна парична помош – и да ја испрати во Прилеп. Ист кваитет каов што имаат играчите на Рокдаел Илинден, каде што Гоце е член на управата. Но наместо благодарност, го пречекало разочарување.
– Собравме скромни средства и решивме да набавиме опрема за првиот тим – зимски јакни, дресови, шорцеви, два комплета за 30 играчи и голмани ем за дома ем за гости, како и тренерки. Сè испративме, но веќе четврти месец стои на царина. Нема интерес ниту од општината ниту од клубот да се подигне. Сите се известени, но реакција нема. Од наша страна направивме сè што можевме – понатаму е на градот и на клубот. Не обвинувам никого, но кој може нека ја подигне, бидејќи е наменета за клубот, изјави Павлески за прилепскиот портал „Шампион“.
И покрај оваа донација Победа најверојатно ќе ја заврши сезоната со испаѓање од Втората лига, оптоварена со долгови и без сериозни инвеститори. Сепак, донираната опрема би можела да остане како вреден ресурс за идните генерации и за потенцијално подобри времиња, кога клубот би можел повторно да се издигне.
Разочарувањето на донаторот е уште поголемо ако се има предвид дека вложил сопствени средства и време, апелирајќи до дијаспората во Австралија да помогне. Дури половината од финансиите биле донирани од негови пријатели кои и не се по потекло од Прилеп. Наместо поддршка и благодарност – целосен молк од оние на кои им била наменета помошта.
Понекогаш, впечатокот е дека добрата волја останува непрепознаена.
