„Обединети македонски организации на западна Австралија” е новоформираното тело на речиси сите македонски организации, цркви, групи и друштва во Перт, и како македонски иселеници и Австралијци со македонско потекло, а нивната цел е да ги „заштитат” интересите на „нашиот народ и нашата татковина Македонија” во австралиската јавност, како и низ целото иселеништво и во татковината, велат од организацијата.
„Затоа, како претставници на македонскиот народ надвор од Македонија, ние ја осудуваме грчката „Пан-македонска Асоциација на Мелбурн и Викторија”‘ за нивната изјава пратена до сите главни медиуми низ Австралија против користењето на уставното име на Република Македонија од страна на австралските медиуми”, стои во соопштението на организацијата.
„Како заедница што ја изгради Австралија со труд и солзи, нема да дозволиме некој да ни каже кои сме и од каде сме дошле, ниту пак како се вика нашата татковина. 135 земји низ светот ја признаваат Македонија под уставното име и со нетрпение ја чекаме Владата на Австралија да ги стави настрана политиките на грчките лобисти во оваа држава и да ја следат одлуката на австралиските медиуми за користењето на уставното име на Република Македонија”, порачуваат од оваа организација.