Обид за убиство на Никола Тодоров

Несудениот убиец пришол со вперен пиштол. Тодоров го турнал, првиот истрел промашил, и потоа со трчање влегол во зградата на Министерството за здравство.

Напаѓачот немал време да се обиде по вторпат – притрчало обезбедувањето кое го фатило за рацете. Испукан е вториот куршум во воздух. Поранешиот министер за здравство се обиде да го убие дедото на малата Тамара од Велес, која во 2015 почина поради одолговлекувањето на државата да плати за нејзина опрација во Турција
Само среќа и реакцијата на обезбедувањето го спасиле од сигурна смрт поранешниот министер за здравство Никола Тодоров кога Љупчо Стојановски (60) од велешкото село Долно Kаласрали испукал два куршума од пиштол во средата напладне, пред скалите на Министерството за здравство. Напаѓачот бил совладан од обезбедувањето на Тодоров, а пиштолот му бил одземен.
Стојановски е дедо на деветгодишната Тамара Димовска од Велес, која почина од сколиоза во 2015 година.
Според МВР, вооружениот напад се случил околу 12 часот пред зградата на Министерството за здравство. Напаѓачот користел гасен пиштол, кој може да убие ако е механички преработен во огнено оружје и да користи убојна муниција. Во случајов тоа било така, и наводно користел убиствена муниција од 6,3 милиметри. Истрагата треба да утврди од каде уапсениот го набавил пиштолот.
Во Министерството за здравство во средата во 12.30 часот требаше да се одржи примопредавање на министерската функција. Напаѓачот кој знаел за настанот го испланирал нападот и уште рано утрото дошол пред зградата на Министерството. Тој не изгледал сомнително, а по некое време го снемало. Подоцна се дозна дека тој се упатил во домот на Никола Тодоров. Таму на два пати ѕвонале на вратата, при што зборувал со таткото на Тодоров кој му реко, дека синот не е дома.
Оттаму Стојановски се вратил да чека пред Министерството за здравство. Наводно со него имало уште две лица.
Кога поранешниот министер излегол од службеното возило, пред самиот влез на зградата, се упатил кон скалите. Таму стоеле новинари и сниматели. Додека Тодоров се качувал по скалите, напаѓачот му се доближил од зад грб, извадил пиштол и од многу мало растојание го репетирал и го вперил кон Тодоров.
Во соопштението на МВР стои:
“Додека поранешниот министер за здравство Н.Т. (38), заедно со неговото обезбедување, се движел по скалите кон влезот на Министерството за здравство, каде требало да се изврши примопредавање на функцијата, Љ.С. се доближил до оштетениот со вперен пиштол кон него на растојание од околу 40 см, на што оштетениот реагирал на тој начин што го отурнал од себе. Во моментот кога Љ.С. бил отурнат од оштетениот, испукал еден проектил од пиштолот додека Н.Т. избегал низ влезната врата од Министерството за здравство каде ги известил вработените од обезбедувањето.
Од страна на вработените од обезбедувањето веднаш се преземени мерки и активности, при што во обидите да биде совладан, Љ.С. испукал уште еден проектил, по што пиштолот му паднал на земја и бил совладан.
По ова, од страна на вработените во обезбедувањето настанот бил пријавен на 192 и за кусо време пристигнале полициски службеници по што Љ.С. бил лишен од слобода и со возило на Брзата помош, во присуство на лекар, од местото на настанот бил пренесен до Ургентен клинички Центар „Мајка Тереза” Скопје.
Пријавениот, по укажаната лекарска помош, е задржан во полициска станица. Во дадената изјава пред полициските службеници од Единицата за насилен криминал, Љ.С., во присуство на адвокат го искористил правото на молчење”, соопшти МВР.
Судија на претходна постапка на Љупчо Стојановски му одредил 30-дневен притвор. За обидот да убие може да биде казнет со пет години затвор.
Истрагата треба да покаже зошто тој дури сега, две години од смртта на внуката, воопшто се решил на ваков одмазднички чин. И како го набавил оружјето со оглед на тоа што сите што го познаваат во Каласлари и Велес се во шок и велат дека се работи за многу мирен и измачен човек. Имено, тој ја продал куќата во Велес и во родното село одгледувал градинарски култури кои ги продавал на пазар за да помогне на семејството на ќерката.
Во шок сум и го осудувам, иако ми е татко
Жаклина Димовска, мајката на починатата Тамара потврди дека лицето кое пукаше во Тодоров е нејзиниот татко, Љупчо Стојановски. Таа изјави дека е во шок и дека ништо не наговестувало оти нејзиниот татко планирал такво нешто. За настанот дознала од медиумите.
– Ништо не наговестуваше дека планирал такво нешто. Не знам од каде нашол пиштол. Револт во семејството постои но, никој не помислил на вакво нешто, не очекував дека ќе се случи ова. Убиството не е решение. Ова е шок за мене, го осудувам насилство иако ми е татко. Цел живот се борев за правда и еве што се случи. Во моето семејство никогаш немало насилство – изјави Димовска, мајка и на малата Тамара, девојчето кое почина чекајќи да замине на лекување во странство.
Според неофицијалните информации, нејзиниот сопруг е заминат на работа во странство, бидејќи немале друг извор за егзистенција.

Останати вести