Обраќање на Никола Груевски во Собранието

Нашите дела ќе останат
Сè што правевме, прaвевме за сите граѓани. Не ги делевме на Mакедонци, Aлбанци, Роми. Лажно сакаа да нè претстават како националисти.

Нашите дела, нашата грижа, нашата помош и проекти ќе останат кога сета оваа магла ќе се спушти, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во обраќањето пред пратениците, непосредно пред очекуваното изгласување на новата Влада предводена од СДСМ.
– ВМРО-ДПМНЕ беше на власт речиси 11 години. Направи реформи во секоја сфера. Се добија многу позитивни резултати. Македонија немала власт со поголем учинок и напредок од оваа. Во последните неколку години бевме мета на операција на надворешни центри. На последните избори народот нам ни даде најголема доверба – рече Груевски во обраќањето во Собранието.
Тој истакна дека со прекршувањето на принципот “победник со победник”, како и со прекршувања на Деловникот на Собранието и Уставот, со примена на аргументот на силата и моќта се издејствува ново мнозинство и нова влада.
Груевски воедно истакна дека СДСМ секогаш доаѓале со фалења и ветувања.
– Вчера и денеска слушнав многу фалења и ветувања како на Македонија ќе ѝ било подобро со новата власт. Отсекогаш познат манир на СДСМ бил да дава многу ветувања а да има мал учинок. Бесрамно го девалвираат и нашиот труд за кој ВМРО-ДПМНЕ добиваше десеткратна поддршка – рече Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ воедно направи и паралела за тоа што наследиле од СДСМ во 2006 година.
– Во овој дводневен вознес и верување во сопствените лаги, сакам да ги потсетам што тие ни оставија, што ние им оставаме. Во 2006 година затеканвме одвај милион евра на сметката на буџетот. Уште во првата недела се соочивме со блокирана сметка на буџетот. За разлика од нив, оставаме полна каса и здрав буџет. Затекнавме високи даноци и ги намаливме на ниво така што Македонија беше прогласена за земја со најниски даноци во светот, а сега имаме најави за 80 % зголемување на данокот на доход за оние кои имаат високи примања – рече Груевски.
Тој воедно додаде дека ВМРО-ДПМНЕ не ги делело македонските граѓани.
– Ако по денот утрото се познава, по начинот за избор на Талат Џафери, по најавата за зголемени даноци, тогаш, пак ќе кажам, времето ќе покаже кој е во право. Сè што правевме, правевме за сите граѓани. Не ги делевме на Македонци, Албанци, Роми. Лажно сакаа да нè претстават како националисти. Нашите дела, нашата грижа, нашата помош и проекти ќе останат – истакна Груевски.

„Не се повлекувам, вмро-дпмне целосно ќе се реорганизира и брзо ќе се врати на власт!”
Никола Груевски во интервју за телевизија “Алфа” посочи дека нема намера да си поднесе оставка како претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
– Претстои период во кој што ние како партија целосно ќе се реорганизираме, ќе се освежиме со нови кадри, ќе ги реорганизираме и нашите општински комитети, месните комитети, Извршниот комитет. Ќе се преструктуираме во секој поглед и ќе бидеме одговорна и силна опозиција која брзо ќе се врати на власт, рече Груевски.
Тој истакна дека нема намера да се повлекува од лидерската позиција бидејќи е човек кој е победник на овие избори и човек кој што ја доби довербата од најголем број од граѓаните и превзема одговорност за понатаму.
– На крајот на јуни истекува и мандатот на ИК, така што некаде во јули ќе има нов Извршен комитет, веројатно тоа ќе биде и добра можност да се промовираат и некои нови личности кои ќе влезат во ИК и кои што со нова енергија ќе помогнат понатаму во зацврстување на ВМРО-ДПМНЕ и забрзување на успехот, а тоа е враќање на власт на ВМРО-ДПМНЕ и предводење на Македонија со уште посилна динамика и посилни реформи напред кон подобар живот, подобар квалитет на живот, повисоки плати и сите стратешки цели кои ги има Македонија, меѓу кои што е Европската Унија, рече Груевски во интервјуто за “Алфа”.

Останати вести