ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЃОРГЕ ИВАНОВ СЕ ОБРАТИ НА НАЦИЈАТА
Претседателот Ѓорге Иванов рече дека во Македонија се води специјална војна и се закани дека ако требало ќе ја употребел и Армијата на Република Македонија, во обраќањето до нацијата во полувремето од фудбалскиот натпревар Португалија – Унгарија на Европското првенство во фудбал. Обраќањето беше поради завршената расправата во Собранието за импичмент на шефот на државата. Иницијативата за импичмент на СДСМ и ДУИ не помина. “За” гласаа 35 а “против” 47 пратеници.
Никому не му е оспорено правото да демонстрира, но мора да се воведе ред. Таквото насилство кај нас мора да престане. Лидерите на партиите да внимаваат што договараат, олеснувачите да внимаваат какви пакети предлагаат. Невладиниот сектор да се дистанцира од поединци и групи кои протестираат само за да профитираат, порача во последното обраќање Претседателот на Републиката Ѓорге Иванов.
– Сакам граѓаните да знаат дека бевме на чекор од отворен граѓански судир најавен од обвинетите во случајот “Пуч”. Како претседател имав во опција два инструмента. Реактивен, да стојам од страна и да чекам додека состојбата не ескалира и да ја ангажирам Армијата за да ја смири состојбата. Но тоа ќе значеше јужната граница да биде оставена незаштитена. Или, пак, превентивна опција, да преземам контрола врз играта и да обезбедам предност за Македонија. Затоа превентивно донесов одлука за помилување на сите кои на еден или друг начин се инволвирани во политичката криза. Гневот се насочи кон мене, плановите за конфликти беа растурени. Но, некои погрешно ги толкуваа моите намери. Многумина ме прашаа. Што сум мислел со одлуката за помилување? Зарем требаше да чекам да падне крв на улиците, за да ја употребам армијата во услов на вонредна состојба? Трпам критики за непопуларната одлука за помилување. Подобро е да бидат горени моите фотографии, отколку институциите на државата. Добро е што не дојде до отворен судир, а кој го сакаа некои вжештени глави. Тие глави сега се оладени, а играта за дестабилизација на Македонија не успеа, изјави Иванов.
Во врска со тоа што протестите се случија по повод аболицијата, Иванов смета дека тие протести биле однапред планирани, а неговата одлука придонела само да се забрза нивната реализација.
– Под покровителство на меѓународниот фактор беше постигнат договорот од Пржино, но наместо да се разреши, кризата се продлабочи. Изборите беа одложени на барање на опозицијата. Партиите ги користеа институциите за работа во нивни интерес. Постоеше висок ризик за македонски судир. Состојбата се усложнуваше, договорот од Пржино беше прогласен за мртов. Се наоѓавме во состојба безбедносните сили да не можат да одговорат на заканите. Армијата и полицијата спречија над 15.000 обиди за премини на границата. Се случија напади со оружје и експлозиви врз државни институции. Партиски лидери имаа закани со смрт. Мобилизација на криминалните структури и антивладини активисти ги зголемија ризиците по безбедноста на Македонија. Специјалното јавно обвинителство вршеше селективен прогон само кон една политичка структура. Тоа водеше кон ризик за меѓуграѓански конфликт и насилство. Се соочивме со туѓа наметната игра, истакна Иванов.
Понатаму тој посочи дека токму лидерот на СДСМ, Зоран Заев, како и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, се директни нарушувачи на правната држава.
– Ме обвинуваат дека со одлуката за помилување сум ја нарушил правната државата. Правната држава ја нарушија лидерите на СДСМ и на ДУИ бидејќи уставниот поредок не им беше доволен да седнеме да се договориме. Овие двајца политички лидери придонесоа за нарушување на правната држава. Тие шират конфузија меѓу граѓаните. Велат дека одлуката за аболиција била за поништување на СЈО. Тоа е ад-хок институција, формирана од политичките партии. За жал наместо инструмент за правда, СЈО се покажа како инструмент за уцена. Од сите фајлови ги одбраа само оние кои се однесуваат на претставниците од власта, односно од ВМРО-ДПМНЕ. Заев изјави дека СЈО постапува исклучиво по пријави од опозицијата. Добивме селективно обвинителство – рече Иванов.
Ајде Заев нека побара да му ја укинам аболицијата
Тој истакна дека немал намера да ги заштити политичарите и дека денес единствен аболиран политичар е Зоран Заев.
– Ме обвинуваат дека сакам да ги заштитам политичарите. Ги повлеков сите одлуки за помилување на политичарите. Денес единствен аболиран политичар е Зора Заев. Го повикувам да донесе и формално барање за повлекување на неговото помилување – рече Иванов.
Претседателот на крајот заклучи дека денес веќе имаме повторно функционални институции.
– За разлика од 12 април, денес имаме нова реалност во Македонија. Имаме функционални институции. Имаме политичка влада која предлага закони, Собранието работи и носи закони, договорот од Пржино повторно заживеа, партиите разговараат за нов датум за избори – рече Иванов.
Тој сепак предупреди дека во земјава се води специјална војна како дел од стратегиите за креирање постојани тензии. Претседателот воедно рече дека на улиците гледаме театар од тие кои не ги признаваат институциите.
– Не смее да се дозволи цела држава или народ да биде заложник на неодговорноста на овие политичари. Ако се водите од омразата или од деструкцијата, тогаш неупсехот е гарантиран. Како претседател имам одговорност кон граѓаните кои ме избрале и ми дале легитимитет, имам одговорност кон вооружените сили, кон државата. Со таква одговорност ќе постапувам и во иднина, за заштита на националните интереси и безбедност – категоричен беше Иванов.