Филипче: Најдоцна до септември очекуваме колективен имунитет

Нашата проценка е дека некаде до крајот на летото може да се постигне колективен имунитет имајќи ги предвид сите количини вакцини кои треба да пристигнат во нашата земја, изјави министерот за здравство Венко Филипче во неделното интервју на “Радио Слободна Европа”.

Сите вакцини се безбедни и нема потреба граѓаните да преферираат една наспроти друга вакцина, вели тој.
– Сега имаме значајно голема количина на вакцини, а очекуваме уште сто илјади на 15 мај, повторно од производителот “Синофарм” и количина од 500 илјади вакцини од производителот “Синовак” до крајот на месец мај, значи една значајно голема количина. Решивме да се стави приоритет на тие што се пријавиле и затоа сите граѓани коишто се пријавени на сајтот vakcinacija.mk или преку “Мој термин” (преку матичните лекари), а тоа се близу 260 илјади, до 15 мај ќе добијат термин за вакцинација. Без разлика на вораста апелирам граѓаните да се пријават.
Сите вакцини се еднакво ефикасни во однос на спречувањето на тешка форма на болест и од смртен исход и тоа е потврдено со сите клинички испитувања. Од страна на еврокомесарот Оливер Вархеи ни беше укажано дека за патување во ЕУ, кога станува збор за вакцината, ќе бидат прифатени сертификатите за вакцини одобрени и од ЕМА и од СЗО, а сега е постапката за буквално сите вакциник рече Филипче.
Прашан за скандалот што го објави опозицијата, дека државата преговарала со фирма од Хонгконг за набавка на кинеските вакцини, и дека биле платени 7.8 милиони евра на таа компанија, министерот одговори:
– Прво да ве потсетам, ние бевме тие кои пред неколку месеци јавно излеговме и објаснивме како се обидувавме да стигнеме што порано до кинеските вакцини. Немајќи одговор преку официјалните контакти што ни беа дадени, одевме преку компании, фирми коишто работат тука, тоа се Синохидро итн, и стигнавме до кинеските вакцини, до компанијата Синофарм за да во еден момент ни биде укажано од кинеското Министерство за надворешни работи дека не е тоа патот и дека треба да контактираме како што тие ќе ни укажат, така што уплатата којашто ја направивме е целосно вратена во нашиот буџет.
Што се однесува до цената во тоа време таа цена беше дури и пониска од онаа што околните земји, на пример Србија ја плаќаше за кинеските вакцини. Но, да ве потсетам дека опозицијата сама себе се фати во лага. Прво обвинуваше дека се платени над 12 милиони евра на некоја непостоечка компанија, па сега сфатија дека треба да не слушаат и дека ние работиме јавно, отворено, транспарентно, па извадија документ од системот „Јавни финансии”, на којшто сè е јавно објавено. Значи самите себе си си се демантираа дека ние сме платиле огромна сума на пари на некоја компанија за која никој во државава не знае, ниту пак сме имале контакт. Жалам што имаат таков став, што ги поткопуваат сите наши обиди да ја менаџираме кризата, што се обидуваат да фрлат дамка на каков било процес.
Нема да им плаќаме на граѓаните за вакцинирање
Запрашан дали Македонија ќе фати проактивен пристап за посеопфатно вакцинитрање на своите граѓани (како на пример Србија која дава парични ваучери), министерот за здравство Филипче вели:
– Сега е временски период во кој ние треба да постигнеме процент на вакцинација којшто ќе биде доволен за да се стекне таканаречениот колективен имунитет. Се смета дека треба да имае околу 60% вакцинирани за да го постигнеме тоа. Нашата проценка е дека некаде до крајот на летото, средина на летото може да се постигне имајќи ги предвид сите количини вакцини кои треба да пристигнат во нашата земја. Не можеме да процениме колкав ќе биде одѕивот на граѓаните за вакцинација. Морам да кажам дека и покрај тоа што 20 проценти од закажаните термини не се јавуваат, голем е бројот на граѓани коишто се јавуваат, покажуваат интерес итн.

 

Останати вести