Откако испратија специјален тим во Кина со цел да спроведе исцрпна истрага за тоа како всушност започна пандемијата на новиот коронавирус во оваа азиска држава, истражувачите на Светската здравствена организација (СЗО) веруваат дека конечно сфатиле каде и како првично се раширил вирусот SARS-CoV2.
СЗО планира да објави целосен извештај за истрагата наредниве недели, но еден член на тимот за NPR оваа недела изјави дека коронавирусот -SARS-CoV2- најверојатно се пренел од животни на луѓе, во една од неколкуте фарми за диви животни во јужна Кина.
Овие фарми ги водеше кинеската влада како „средствa за „извлекување” на оддалечените рурални заедници од сиромаштија”, пренесува NPR, како и дека во голема мера биле успешни. Така, овие фарми за диви животни станаа огромна индустрија во Кина и снабдуваа со месо многу места на целата кинеска територија – вклучувајќи го и пазарот во Вухан, за кој првично се сметаше дека е епицентарот на пандемијата.
Иако истражителите на СЗО засега не прецизираат кои животни, на која фарма први го рашириле коронавирусот и кај човекот, повеќето од животните кои се одгледуваат во заробеништво се способни да го пренесат, се потенцира во четивото на Live Science – „Земаат егзотични животни и ги одгледуваат во заробеништво”, потенцира екологистот за болести и истражител на СЗО, Питер Дазак.
Претходно во истрагата, СЗО откри дека коронавирусот веројатно се ширел во Кина многу порано пред избувнувањето на пазарот во декември 2019 во Вухан, покренувајќи го прашањето од каде всушност потекнува новиот коронавирус. Еден можен одговор беше дека коронавирусот излегол од блискиот врвен институт за вирусологија, но истражителите минатиот месец рекоа дека се чини како да е многу поверојатно дека вирусот првично „скокнал” кај човекот надвор од областа на Вухан. Но, СЗО не е единствената што забележала дека фармите може да играат голема улога околу коронавирусите. Кинеската влада нареди да се затворат и да се отстранат животните во февруари 2020 година – потег што Дазак и СЗО го поздравија.
„Кина го направи тоа со причина”, рече Дазак за NPR. „Причината беше тоа што, уште во февруари 2020 година, веруваа дека ова е најверојатната патека [за ширење на коронавирусот во Вухан]. И кога ќе излезе извештајот на СЗО …ние исто така веруваме дека тоа е таа патека, за ширење на коронавирусот од животните кај човекот”, заклучи екологистот за болести и истражител на СЗО, Питер Дазак.