Во петокот, на 31 мај годинава, во Мелбурн се одржа промоција на книгата “Одблесоци од минатото” од Гордана Димовска. За оваа пригода широко беа отворени вратите на раскошната „Sheldon reception” во Саншајн. Бројните почитувачи на делото на Гордана Димовска имаа можност да слушнат повеќе рецензии и препораки за книгата од неколку авторитети. Потоа следеше и богата културно-уметничка програма.
Поговорот на “Одблесоци од минатото”, напишан од Александар Донски, го прочита Дијана Пупалевска–Мицалевска. Донски таму вели:
“Гордана Димовска со својот зрел, ненаметлив и аргументиран стил на пишување се докажува како сериозен аналитичар и истражувач за значајни теми од македонското минато и сегашно битисување, а со широкиот дијапазон теми што ги загатнува се претставува и како лице со висок степен на општа култура, не само за македонските, туку и за некои општочовечки теми со кои прави успешна синтеза со темите што нас не засегнуваат како народ со голем број нерешени егзистенцијални проблеми…
… Книгата содржи многу вредни автентични написи од 1930-та, за страдањата на Македонците за време на грчкиот режим, за македонската жена во 16 век, аргументирани видувања за т.н. спор со името и се она што не засега како народ на релација дијаспора – татковина. Има голем број прилози за Македонија од страна на странски автори како што се Пол Лукас, Еглантајн Џеб, Ерик Хобсбомб, Даниел Сервер, Пјер Беарн…
…На крајот, ќе го сомнеме фактот дека Гордана Димовска својот патриотизам го наследила од својот татко Душан Стојчевски, па со оваа книга таа повторно се докажува како достојна ќерка, не само на своите родители Душан и Цветанка Стојчевски, туку и на нашата сакана Македонија” – стои меѓу другото во поговорот од Александар Донски.
Други рецензии за “Одблесоци од минатото” презентираа уште и: Весна Дамчевска, Сашка Ставреска и Славчо Трајковски. Промоцијата ја водеше Соња Стојановска. Потоа следеше културно-уметничкиот блок во кој со по две песни настапија Иван Радевски и Боге Ристевски.
Посебно изненадување на вечерта беа Стефче Стојковски и Душко Божиновски од Македонија, кои се во Австралија на турнеја со ад-хок групата “Македонска фолк фаланга”, на чело со фолк-легендата Наум Петрески а во организација на Охридското социјално друштво “Св. Наум Охридски” од Мелбурн. Стефче свиреше на кавал и на гајда, додека Душко е мајстор на хармоника.
Овој блок од вечерта го заокружи настапот на хорот “Утеха”, по што следуваше богат коктел и дружење на сите присутни.
Гордана Стојчевска Димовска е поет и писател, родена во битолско Оптичари. Во Мелбурн, Австралија, живее од 1993 година. На универзитетот “Меквори” во Сиднеј се здобива со диплома за јазици. Предава македонски јазик во Викториското училиште за јазици. Основач и уредник е на веб-порталот “Македонски времеплов”, а воедно е и еден од урендиците на порталот “Македонска нација”.
И, додека нејзините литературни творби колку-толку се прибрани во книги, “Одблесоци од минатото” е нејзина прва книга во која на едно место се собрани нејзините позначајни статии со општествено-политичко-историски и други теми, објавени последниве десетина години во различни медиуми („Македонска нација”, „Вечер”, „Нова Македонија”, „Народна волја”, медиумите на Матица македонска и Агенцијата за иселеништво и други, како и преку електронски медиуми).










