Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека не размислува за оставка од функцијата по неуспешниот обид на полицијата да го приведе екс-премиерот Никола Груевски и да го спроведе во затворот во Шуто Оризари.
Одговорноста треба да се бара кај судиите, кои, како што рече, не одредуваат притвори за оние кои можат да избегаат.
– Замислете има притвор за тешка кражба, а за тешки кривични дела нема притвор. Полицијата работи врз основа на наредби од Судот. Постојат мерки за обезбедување а тие ги определува Судот, изјави министерот Спасовски.
Тој нагласи дека МВР ќе има информации и дека ќе дојде до Груевски.
– Но ова не е само за Груевски, туку за сите лица. Законот за кривична постапка кажува како треба да се постапува со ваквите лица. Јас мислам дека ако следиме комуникации спротивно на закон како претходно, ќе имаме сериозен проблем. Го баравме Груевски во неговиот дом, ги проверувавме возилата. Доколку имаме налог ќе влеземе во секој објект. Врз основа на добиените информации, секако ќе постапуваме. Не очекувате веројатно да ставиме линк на плоштад и да ги споделуваме сите информации од истрагата со јавноста, истакна Спасовски.
Сопругата и мајката на Груевски се во Македонија
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во емисијата „Само вистина” на телевизија “Канал 5” потврди дека сопругата на Никола Груевски, Боркица, во понеделникот вечерта им дозволила да проверат дека не е дома, а во вторникот утрото полицајци биле и во домот на неговата мајка.
– Таа беше дома, ни дозволи да го провериме нејзиниот дом и утврдено е дека Груевски не е таму – рече Спасовски.
Како што кажа тој, обезбедувањето од МВР во петокот не се посомневало дека нешто се случува бидејќи и претходно се случувало по цел ден да не ги повика. За викендот одморале а во понеделниот се појавиле на работа како да е се вообичаено.
Сепак, тешко е да се помисли дека Груевски немал помош од некои лица во МВР бидејќи требало да ја премине границата, било на илегален премин или на редовен. Можел да премине легално во Србија само со лична карта.